Колку пари му се потребни на едно македонско семејство за да ги помине велигденските празници

Денеска е Велики Четврток. Секое македонско домаќинство ги прави последните подготовки за дочекување на најрадосниот христијански празник Велигден.

Некој ќе си дозволи малку повеќе, а некој со скромност, но сепак сите ќе се радуваме и ќе го славиме Христовото воскресение.

Познато е дека за Велигден секое македонско семејство  има полна трпеза со најразновидни јадења. Освен специјалитетите од јагнешко, свинско, вино, ракија, секако неизбежни се салатите и најразличните десерти кои ги подготвуваат македонските домаќинки.

Најважен дел се секако јајцата украсени во најразлични бои. Но колку сето тоа чини и колку е минимумот пари што му се потребни на едно македонско семејство за да ги помине велигденските празници?

Анализите покажуваат дека за да се наполни велигденската трпеза некои семејства трошат и по 3.500 денари, но има и такви на кои малите плати и пензии не и дозволуваат многу да се опуштат. Со оглед на тоа дека годинава овој празник е во првата половина од месец април, треба да се има предвид дека со платата треба да се платат сметките и да се помине месецот.
Од друга страна, пак, бидејќи се спојуваат неколку дена голем дел од македонските семејства практикуваат велигденските празници да ги поминат надвор од државата.
Оние кои решиле да останат тука во зависност од можностите ќе си подготват велигденската ручек и ќе си направат гезме.

Годинава цените не се значително променети во однос на минатата година. Продавачите на зелените пазари велат дека и покрај истите цени продажбата е намалена, бидејќи е падната куповната моќ на граѓаните. И граѓаните веќе не се толку опуштени за празници и сметаат дека не е само еден ден и оти и во другите денови во месецот треба да се направи ручек и да се јаде месо.

На зелените пазари табла јајца, во зависност од класата, се продава од 160 денари до 210 денари.

Цената на килограм јагнешко е иста како и лани и изнесува 320 денари за килограм.

-Продажбата не оди, еве гледате нема народот пари, цените се исти како лани дури и поевтини, ама народот нема пари, килограм јагнешко оди 320 денари, а свинското е и поевтино и се движи од 250 до 300 денари, изјави еден продавач во месарница.

И покрај очекувањата цената на јајцата да скокне за два денари, тоа по се изгледа нема да се случи, бидејќи и на неколку дена пред празникот тие се продаваат по стара цена.

Цената на јајцата не е покачена пред Велигден и е иста како пред неколку месеци, а продажбата како и на се останато е намалена, велат продавачите на јајца.

Граѓаните со различни мислења, за некои е скапо, за некои не во зависност од можностите.

Цените се исти во однос од лани и цената на јајцата е иста, некаде е поевтино, некаде поскапо ама не е многу голема разликата. Меѓутоа за нашиот стандард се е скапо, вели една купувачка на пазар.

Друга потрошувачка се согласува дека цените не се високи, дури се и нормални, но со малите плати и пензии се им е скапо.

Кај зеленчукот цените се движат од 90 до110 денари за килограм краставици, доматите се продаваат од 90 до 100 денари, додека младата зелка е 60 денари килограм, спанаќот од 50 до 60 денари, а марулите 20 денари и 10 денари младо кромитче.

Најевтино е свинското месо кое чини од 260 до 280 за килограм, јунешкото е најскапо и чини до 400 денари, а јагнешкото во моментов се нуди по цена од 300 до 350 денари.

Пазарџиите очекуваат деновиве да биде потрошувачкиот шпиц на пазарите и во супермаркетите, бидејќи знаејќи го нашиот менталитет граѓаните секогаш ги чекаат последните денови за да испазарат. Дел од потрошувачите очекуваат и дополнително зголемување на некои од цените, посебно каде побарувачката е поголема, што не е исклучено со оглед на тоа што празниците секогаш се можност за поголема заработка за трговците.