Колку лајкови вреди твоето дете?

Сосема е природно мајките, бабите и тетките сакаат да ги запознаат своите деца и внуци со далечните роднини и дека раѓањето на детето е настан за кој мора да се извести поблиската и подалечната фамилија преку социјални мрежи.

Исто така, сосема е природно мајките, бабите и тетките да дадат сѐ за нивното дете или внуче да биде најубаво офлајн, но и онлајн (ако има нешто поморбидно од избор за најубаво бебе, слободно кажете ми).

Но...

Да го претворите детето во моден додаток со кој се добива лавина лајкови или споделувања, не само што не е природно, туку е и гротескно до таа мера што тоа го повлекува прашањето дали треба да се воведат дозволи за репродукција.

Едно е да бидеш во можност на своето дете да му овозможиш квалитетна облека, сосема друго е на детето уште од првата година да му всадуваш модни марки како единица мерка за вредност и да ја занемаруваш удобноста на детето само за тоа да изгледа послатко.

Едно е твоето слатко девојче да сака да си игра со шминки, следејќи го примерот на тетките од своето опкружување, сосема друго е на своето дете уште пред да почне да оди во училиште да му дозволиш да изгледа како да е подготвено да оди во диско.

Едно е ти да се облекуваш провокативно, без оглед на тоа дали сакаш да добиеш некакво одобрување во вид на лајкови или за да ја разбудиш фантазијата на манијаци кои мислеле дека никогаш нема да ја вратиш фигурата од пред породувањето, сосема друга работа е да го изложуваш телото на твоето дете и со тоа да го изложиш тоа невино тело во сфера во која демнеат секакви луѓе, од педофили до трговци со човечки органи.

Најголемиот проблем е што голем број млади родители заборавиле што е поентата на раѓање дете и носење живот на овој свет. Секој има различни одговори на ова прашање, но најчестиот одговор е дека „мораш да оставиш нешто зад себе“. А мене, еве, многу ме интересира што овие Инстаграм мамички и татковци ќе оставам зад себе?

Не мора да си најпаметниот човек на светов за да сфатиш дека новиот живот е нова можност за промена на општеството на подобро, односно дека тие деца, малку парадоксално, се ненапишани хартии полни со чиста генијалност. Брзо учат, поседуваат неверојатна способност за едноставно резонирање на комплексни проблеми и тие се единствениот дел од општеството на кој навистина не можеш да му замериш ништо, освен дека понекогаш се малку кенкави.

А ако овие погрешни вредности ги напишете на таа нерасипана хартија на постоењето, што ќе добиете? Што ќе оставите?

Овци. Е тоа ќе оставите.