Колку деца имате? Дали планирате да имате деца? - Македонските газди знаат да поставуваат чудни прашања кога сте на интервју за работа

Целта на интервјуто е да се видат потенцијалите на кандидатот, неговата мотивација, начинот на кој ѝ пристапуваат на работата, како се снаоѓа во стресни ситуации, како комуницира со другите, како ја организира својата работа и слично.

Најчести прашања:

Кажете нешто за себе, какво искуство имате, какви работи имате работено?

Не почнувајте раѓање и не кажувајте анегдоти. На кратко кажете за најважните детали од вашата биографија и кажете нешто за вештините кои ги имате развивано во слободно време.

Зошто барате нова работа? Зошто го напуштивте старото работно место?

Бидете позитивни, не зборувајте лошо за претходниот работодавец дури и ако сте добиле отказ. Ако сте добиле отказ, обидете се да го претставите како логичен крај на вашата кариера во таа компанија и кажете дека е време за нови предизвици.

Што знаете за нашата компанија? Зошто се пријавивте? Што сакате да работите кај нас?

Пред интервјуто распрашајте се за фирмата. Можете да кажете нешто како: „Веќе некое време следам што работите и мислам дека можам да ви помогнам во развојот на фирмата."

Совет плус: Оставете добар прв впечаток

Почетокот на разговорот веројатно е најстресниот дел бидејќи само што се имате запознаено со испитувачот и сѐ уште сте под стрес од сето што ве чека, но обидете се да внимавате на говорот на телото. Удобно сместете се (немојте постојано да се подместувате во столчето). Гледајте го соговорникот во очи.

Како се снаоѓате со рокови и чести промени?

Ако не функционирате во таква атмосфера, можеби најдобро тоа и да го признаете, но дипломатски. Кажете дека ви е важно да имате доволно време да се подготвите и дека ако има потреба, можете да дојдете и порано на работа.

Зошто треба да ве вработиме токму Вас?

Потсетете го испитувачот на вашите најсилни карактеристики. Покрај образованието и вообичаеното искуство, можеби имате и некој дополнителен плус.

Колку деца имате? Дали планирате да имате деца?

Немојте да одбивате да одговорите на овие прашања или да мислите дека работодавецот нема право да ве праша такво нешто. Ако имате 4 деца, кажете и истакнете дека тоа никогаш не влијаело и нема да влијае врз вашата работа.

Што е вашата најголема мана, а што најголема предност?

Вашата најголема предност треба да биде тоа дека вашите мани ги претворате во предности. На пример ако ве прашаат за знаење на некоја компјутерска програма, кажете дека досега не сте работеле со неа, но дека имате искуство со слични програми и дека брзо се прилагодувате.

Како се сложувавте со стариот шеф?

Одлично! Никој не сака да работи со кавгаџија. Но, можете да кажете дека не секогаш сте се сложувале со некои идеи кои требало да се применат на работното место. Но, дека поради конструктивната атмосфера, сте доаѓале до разумен компромис.

Колкава плата имавте и колкава плата очекувате?

Работодавецот проценува колку сте реални, но и колку малку може да ве плати. Добра шанса да кажете со колку сте почнале, колку сте напредувале и колкава била последната плата. Пред разговорот распрашајте се за платите во фирмата.