Колку буџет е потребен на просечно четиричлено македонско домаќинство за да го преживее месецот?

Семеен буџет од најмалку 500 евра му бил потребен на просечно четиричлено македонско домаќинство за да го преживее најтешкиот месец во годината – јануари.

Пресметките на Сојузот на синдикатите на Макеоднија покажуваат дека во првиот месец од годинава минималната потрошувачка кошничка “тежела” точно 32.354,06 денари. Тоа значи дека за да ги задоволат сите потреби за храна, превоз, одржување на домаќинството, здравје… просечните семејства, односно оние со просечни примања биле “покуси” за близу 10.000 денари, зашто според Државниот завод за статистика просечната нето плата е 23.196 денари.

Пресметките за синдикалната потрошувачка кошничка покажуваат дека како и обично, најголем дел од семејниот буџет во јануари, или 15.354,93 денари, односно 41,28 проценти, отишол за набавка на храна и пијалаци. Домувањето “голтнало” уште 10.487,9 денари, или 32,42 проценти, а трошоците за хигиена изнесувале 2.289,12 денари, или 7,08 проценти од вкупните издатоци во месецот. За превоз во просек се трошени по 2.349,34 денари, или 7,26 проценти, а за облека и обувки 2.126,10 денари или 6,57 проценти од парите. Минорни 3,31 процент, или само една илјадарка е издвоена за култура, а уште помалку, 2,09 проценти од парите, или помалку од 700 денари биле наменети за одржување на здравјето.

Сепак, живеачката во јануари била за нијанса поевтина отколку во декември, кога за да се протурка месецот според поресметките на ССМ биле потребни околу 120 денари повеќе. Овој јануари трошоците на домаќинствата не се многу променети ниту во однос на ланскиот јануари, кога за полнење на синдикалната минимална кошничка од домашниот буџет се трошеле само 155 денари помалку.

Од друга страна, пресметките на Државниот завод за статистика покажуваат дека едно просечно македонско домаќинство троши помалку отколку што ССМ му “сервира” во кошничката. Според последните објавени податоци што се базираат на анкета, едно домаќинство во 2016 година вкупно употребило 333.399 денари, или на месечно ниво трошело по 27.783 денарии. Но, кога просечните минимални трошоци што ги прават македонските домаќинства за да го преживеат месецот се споредуваат со просечната плата што се исплатува во државата, без разлиика за кој период се работи, расчекорот од стотина евра меѓу пресметките на синдикалците и на статистичарите, губи на значење. Зашто, други пресметки покажуваат дека повеќе од 60 проценти од вработените во државата имаат примања под просечната месечна нето плата.