Колемишевски за сообраќајниот ред во Канада: Високоризичните возачи губат пари и можности

И натаму во фокусот на јавноста проектот „Сејф Сити“ кој треба да донесе ред во сообраќајот, помаку жртви и конечно менување на сообраќајната култура. Постојано се дебатира за предностите и недостатоците на „Безбеден град“, а не ретко се прават и споредби со другите земји каде се посочува нивниот пример. 

Правникот и експолитичар Кирил Колемишевски кој неколку години живее и работи во Канада го пренесе примерот од оваа земја. 

- А бе знаеш, во Канада има систем и таму се знае како треба, има ред… Еве го редот... поентира тој во воведот на својата фејсбук објава. 

Појаснува дека во Канада во возачкото досие се евидентира секој прекршок, а со тоа и полисата станува се поскапа. 

Ви го пренесуваме во целост негиовиот став на темава: 

- Во Канада, последиците од пребрзо возење врз автоосигурувањето често се потешки и подолготрајни од самата парична казна или одземените казнени поени. Осигурителните компании го проценуваат возачот исклучиво преку ризикот што го претставува, а прекршоците поврзани со брзо возење или друг потежок прекрешок директно го зголемуваат тој ризик.

Во најлошото сценарио, секој прекршок за брзо возење се евидентира во возачкото досие. Осигурителните компании редовно го проверуваат ова досие при обновување на полисата. Дури и еден прекршок може да доведе до зголемување на премијата, а сериозно пребрзо возење или возење под дејство на алкохол речиси секогаш резултира со значително поскапување.

Осигурителните компании ги класифицираат прекршоците како лесни, тешки и исклучително тешки. Брзина поголема од 50 километри на час над дозволеното, како и таканареченото опасно или агресивно возење, возење под дејство на алкохол или дроги се смета за тежок прекршок. Со само еден ваков прекршок, возачот може да биде ставен во категорија на високоризични возачи.

Откако ќе се најдеш во оваа категорија, последиците се сериозни. Премијата за осигурување може да се зголеми два до три пати, а во одредени случаи и повеќе. Дел од осигурителните компании целосно одбиваат да понудат полиса. Единствена опција остануваат специјализирани осигурителни компании за висок ризик, кај кои цените се исклучително високи.

Ефектот од ваквите прекршоци не е краткотраен. За потребите на осигурувањето, прекршоците поврзани со брзо возење или возење под дејство на алкохол остануваат во досието најчесто од три до шест години, во зависност од провинцијата и тежината на прекршокот. Тоа значи долгорочно повисоки трошоци, а не само еднократно зголемување.

Доколку при пребрзо возење е предизвикана сообраќајна незгода, состојбата дополнително се комплицира. Осигурителната компанија го третира возачот како виновен, со отежнителни околности. Во таков случај, возачот може да ја изгуби и можноста за таканаречено простување на прв прекршок, доколку таа заштита претходно постоела.

Најтешките последици се јавуваат кога пребрзото возење е поврзано со кривично дело, како опасно управување со возило според Кривичниот законик. Со правосилна кривична пресуда, многу осигурителни компании воопшто не прифаќаат да издадат полиса. Ако осигурување воопшто се обезбеди, тоа е по цена што за повеќето возачи е финансиски неодржлива.

Од осигурителна перспектива, најлошото сценарио значи губење на пристап до стандардно осигурување, плаќање екстремно високи премии со години, ограничен избор на осигурителни компании и постојан статус на високоризичен возач, кој влијае и врз идни апликации, изнајмување возила и работни позиции каде е потребна возачка дозвола.