
Светлана Колариќ од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во вчерашното гостување во емисијата „Директно“ на Телевизија Телма, појасни дека во текот на месец март, по налог на директорот на Агенцијата, биле спроведени засилени контроли на пазарот во Скопје, при што фокусот на инспекциите бил квалитетот и идентитетот на производите, односно дали составот внатре во пакувањето соодветствува на декларацијата.
Во конкретниот контролен циклус биле земени вкупно 91 мостра од малопродажните објекти во Скопје, од кои: 45 мостри од млечни производи и млеко; и 46 мостри од месни производи (сувомеснати производи).
„Во делот на млечните производи, анализата покажа присуство на растителна маст. Тоа е строго забрането кај производите како што се млекото, сирењето, кашкавалот, павлаката и путерот, бидејќи тие имаат загарантирано име и точно се знае каков треба да биде нивниот состав,“ изјави Колариќ во гостувањето на Телма.
Таа додаде дека првичните резултати за месните производи се уште позагрижувачки, бидејќи кај нив отстапувањата од пропишаниот квалитет се многу поголеми во споредба со млечните производи.
Во однос на тоа зошто досега не се објавени имињата на операторите и производителите кои ги мамат граѓаните, Колариќ посочува дека се чекало на комплетирање на сите лабораториски наоди за да се направи сеопфатна анализа.
„Поради притисокот на јавноста, штом ќе се анализираат сите податоци, имињата на сите производители и оператори кои го прекршиле законот ќе бидат јавно објавени. Потрошувачот е секогаш во право и мора да биде информиран кога некој му ја нарушува довербата со лажни декларации,“ потенцираше таа.