Која сум јас и чија сум?

Луѓето обожаваат да лепат етикети и да те ставаат во некои свои фиоки. Да те наредат како што редат маици, да те спарат како пар чорапи, да те сортираат како зимница: џемовите на горната полица, туршијата на долната. Чорапи со чорапи, гаќите со гаќи. Богатите со богатите, сиромашните со сиромашните. Образованите со образованите. Слободните со слободните, мажените со мажите. Разведените се во посебна, последна фиока. 

За жените тоа е трансфер фиока од која потоа те префрлаат во фиока со „чесни жени“ и „жени со сомнителен морал.“ Сите „нормални“ ти лепат етикети и те ставаат во некоја од фиоките во глава. И потоа се среќни со тоа. Знаат дека те наредиле во глава и знаат како да ти се обраќаат, како да се однесуваат со тебе и прецизно знаат кои предрасуди ги имаат кон тебе и што ќе се случи со тебе во животот. 

Ако некогаш случајно се осмелиш да „излеташ од шини“ и да направиш нешто на коешто воопшто не се навикнати и не го очекувале од тебе, тогаш со рекордна брзина се трудат да те осудат, да ти објаснат како тоа не е добро, како тие знаат најдобро... а тоа го прават затоа што всушност ти правиш хаос во нивната глава. Таман те ставиле во некоја фиока и како сега ти си даваш за право да ги ставаш во ситуација повторно да се преиспитуваат дали е добро нивното мислење, дали е добар нивниот брак, дали воопшто требале да се мажат/женат, дали си ги сакаат сопружниците, дали треба да останат на сигурната државна работа која ја мразат, дали е подобро да го купат овој или оној автомобил... Мислам, навистина си проблем!

Цел живот ми лепеле етикети. Од раѓање имам менувано еден куп работи: од градови и држави во кои сум живеела, до бојата на косата, акцентот, килажата, брачниот статус... Додека не се омажив бев ќерка на татко ми, па после бев мажена, па разведена, па и самохрана мајка... немам поим, тоа генерално се приказни кои се раскажуваат зад мојот грб. Луѓе кои со причина стојат зад мене. И баш на сите им имам направено проблем во главата. 

Освен што никогаш не можеа да дефинираат од каде доаѓам, имаа проблем со тоа чија сум, а кога се осмелив да променам професија – е тоа веќе беше проблем. Така еден мој пријател ми рече да си се држам до она што го знам. И до ден денес не сфатив дали му пречеше тоа што бев успешна во новата професија или тоа што бев поуспешна од него. Не е ни важно. Па дури и мајка ми не ми веруваше, па ми залепи етикета: „Не знае со пари“, па дури и ми рече: „Што ќе ти е да отвораш бизнис, сосема ќе пропаднеш, па на крај и со дебел минус ќе завршиш. Те знам јас тебе, јас те родив.“ Кога тоа не се случи и кога им докажав дека не се во право, ни тогаш не се откажаа, туку го припишаа мојот успех на чиста среќа. Не е важно.

И кога бев во пубертет ми пречеа тие етикети, но кога пораснав и кога решив да се разведам, си ветив себеси дека нема да се замарам што зборат луѓето. Храбро се носев со етикетата „разведена“ и со сите предрасуди кои оваа етикета ги носи, а која најчесто ми ја лепеа жени: колешки, комшики, „другарки“, љубоморните сопруги на моите другари... И ете, денес сум жива, здрава и среќна.

И денес носам етикета со име НЕПРИЛАГОДЕНА. Но, неа ја носам со гордост, затоа што таа е резултат на спознанието дека не морам никому да објаснувам ама баш ништо. Луѓето кои ме сакаат и кои ги сакам, ме сакаат баш поради фактот што сум своја. Јас сум ничија, не припаѓам никаде, а сепак им припаѓам на оние кои ме сакаат и припаѓам секаде. Не сум ништо, а сѐ е во мене. Секој дел од мојот живот е проткаен со најубави спомени. И секаде се чувствувам поеднакво среќно. Па дури го задржав и презимето на бившиот маж. Затоа што тоа е она што сум јас. И јас ќе се викам како што јас сакам. Јас, онаа која е среќна и задоволна.