Која населба во Македонија е најблиску до море?

Кога ќе прашаме која населба во Македонија е најблиску до море, обично првата помисла ни е на градот Гевгелија. Сепак, прецизните мерења на сателитските снимки од најнов датум, покажуваат дека селото Сретеново во Општина Дојран всушност е најблиску до море, поточно до Егејско Море, пренесува порталот игеографија.мк

Неговата оддалеченост до северниот брег на Солунскиот Залив изнесува точно 60,25 км. Најјужниот дел во атарот на ова село е и најблиска точка на Македонија до некое море, со само 57,15 км! На незначително поголема оддалеченост е селото Селемлија во Општина Богданци со 60,8 км, потоа Стар Дојран со 61,6 км, па следи селото Богородица (Општина Гевгелија) со 62 км, село Стојаково со 62,6 км и дури потоа е Гевгелија со 63,5 км.

Интересно е што најмалата оддалеченост на Македонија од Јадранско Море е само малку поголема и изнесува 72,5 км. Најблиска населба пак до Јадранско Море е с. Спас (Општина Дебар) со 74,5 км, додека самиот град Дебар е оддалечен точно 78 км! Сепак, поради високите планини во правец на Јадранско Море, неговото климатско влијание е значително послабо, отколку она на Егејско Море.