Која е вашата лична филозофија: 5 прашања кои треба да си ги поставите

Градењето на својата лична филозофија не е секогаш едноставно, но тоа вреди бидејќи ни дава одговор кои сме вистински.

Photo by Tim Bogdanov on Unsplash

Многу луѓе одат низ животот без некоја посебна насока. Се движат спонтано и несигурно, од една страна на друга. За некои од нив тоа функционира, но личната филозофија не ни е важна само во професионалните односи и успехот кој го посакуваме, туку и во личните односи со другите луѓе.

Без оглед на тоа дали се трудите да се изградите себеси или пак да направите одредени промени во својот живот, личната филозофија ви овозможува да живеете живот со цел, базиран на вашите ставови и лични уверувања, без оглед на условите со кои се соочувате.

По својата дефиниција, личната филозофија е збир на принципи кои се уникатни за вас и кои ве водат кон остварување на вашите цели и соништа. Таа е начинот преку кој ја живеете својата приказна, комуницирате со останатите и се се движите кон подобрување на себеси, во различни аспекти.

Таа зависи од многу фактори од кои најважни се генетиката, средината во која функционираме, како и учењето. 

Но, како да ја утврдите и да дојдете до својата лична филозофија? Ова се неколку прашања на кои треба да си дадете одговор.

Кои се вашите клучни вредности?

Разбирањето на вашите клучни вредности ви помага да го откриете својот вистински идентитет и да ги поставите своите морални принципи и начела. Што ве води низ животот? Што ве поттикнува да преземете акција? Тоа ќе ви помогне да дојдете до овој одговор, а најдобро е да запишете по една или две реченици, за да дојдете до решението. 

Кои се вашите главни верувања?

Во што верувате? Како се градат вашите верувања низ животот? Запишете што е она што ви е важно и во што имате верба. За многу луѓе, верувањата се резултат на општествените очекувања и традиции, но тие доаѓаат и од семејството и пријателите или пак луѓето кои ги сметаме за идоли во животот. 

Одговорот на ова прашање ќе ви помогне да откриете и што ви е важно, за што се борите и како да креирате живот посветен на таквите верувања. 

Која е вашата генерална филозофија?

По претходните две прашања, време е да си дадете одговор на ова малку апстрактно прашање. Но, започнете со тоа што ќе си дадете одговор што му дава значење на вашиот живот. според Џозеф Кембел, значењето на животот е она што се трудите да бидете. Самото тоа што сме живи не е доволно, туку важно е и кон што се стремиме. 

Како го мерите успехот?

Сите сакаме да успееме во животот, но сите ние имаме различна дефиниција за успех. Можеби веруваме дека треба да сме успешни во кариерата или пак да имаме среќно семејство, или пак да го поминеме животот патувајќи низ светот. Секој од нас е различен. Ова може да ви донесе инспирација на она на што треба да се посветите во натамошниот период или да ви даде дополнително знаење за себеси, за она што ви значи највеќе, а можеби сте го запоставиле. 

Кои се вашите најсилни страни?

Некои луѓе не можат да дадат одговор на ова прашање, бидејќи се скромни или никој не им посочил што е она што е добро кај нив, но ако се навратите на некои ваши успеси и достигнувања, лесно ќе дојдете до овој  одговор. Што е она за што луѓето ве ценат? Во што сте добри? Што ви значи и на што минувате време учејќи? 

Со додавањето на вашите добри страни во вашата лична филозофија, ќе успеете да утврдите што е она што треба да подобрите да го подобрувате кај себе и да продолжите да учите.