Која е тајната на среќниот живот?

„Биди љубезен, затоа што секој што ќе го сретнеш води некоја тешка битка.“ – Платон

Сите ќе ви кажат дека е потешко да бидете љубезни, отколку да бидете безобразни.

Луѓето, по нивната природа, знаат да бидат себични и некултурни. Може да се каже и дека не е сосема наша вина, бидејќи преживување е името на нашата игра. И како  и секое диво животно на овој свет, или рано почнуваме да учиме да се бориме за тоа што ни треба (а подоцна и за тоа што го сакаме), или едноставно паѓаме и не успеаваме да го добиеме ниту тоа што ни треба, ниту тоа што го сакаме.

Да бидеме љубезни? Па тоа не е ни во нашата ДНК. Ние учиме како да бидеме љубезни. Мораме да почнеме да ја учиме љубезноста од темелите, па нагоре. Кога се тоа ќе се земе предвид и кога ќе видиме колку овој свет е навистина суров, тогаш сфаќаме зошто велат дека да се биде љубезен е навистина потешко отколку што мислиме.

Никој од нас не е постојано љубезен. Но, можеме да бидеме подобри. Секој еден од нас.

Сакам да верувам дека секој еден од нас може да се потруди да извлече насмевка од другите луѓе, да подари барем еден момент на радост во животите  на другите луѓе. Без разлика колку еден човек е комплетно посветен на самиот себе, без разлика колку е себичен, верувам дека и во неговиот невролошки центар се случуваат убави работи кога ќе направи нешто добро за некој друг и кога ќе види како некој ќе се насмевне заради тоа што го рекол или направил.

Сите сакаме да бидеме среќни. Во тоа нема трошка сомневање. Тоа е основата на човековата природа. Ние едноставно се трудиме да поминеме низ секој момент чувствувајќи се што е можно подобро.

Знаеме дека кога одредена работа прави да се чувствуваме добро, сакаме да ја правиме што е можно почесто. Тогаш зошто да не ја вклучиме и љубезноста помеѓу работите кои сакаме да ги правиме почесто? Ајде да ја погледнеме поголемата слика и да сфатиме дека љубезноста е заразна.

 Вие ќе се насмевнете некому, тој ќе се насмевне на друга личност и тоа ќе се шири понатаму. А понекогаш и тоа е доволно. Една искрена, чиста насмевка од човек кој можеби и не го познаваме. Можеби за таа личност тоа ќе биде единствената работа која ќе биде позитивна за него во тој ден. Ќе направите некој да се чувствува подобро макар за една секунда.

Време е да си признаеме дека навистина не чини ништо да се биде љубезен, а тоа е нешто што ги прави и двете страни среќни, насмеани и задоволни. Да, тајната на среќниот живот по кој толку копнееме е љубезноста. Колку сме пољубезни еден кон друг, толку посреќни ќе бидеме сите. Наместо да се муртиме и да им се дереме на луѓето, наместо да бидеме безобразни, можеби треба да почнеме да бидеме пољубезни. Можеби тогаш нема толку често да бидеме под стрес и да чувствуваме тензии.

Бидете љубезни. Со тоа што сте љубезни го правите овој луд, страшен свет малку полесен за останатите луѓе. И тоа ќе направи да чувствувате топлина, сочувство и среќа. И на крајот ќе дознаете дека љубезноста е единствената тајна за среќниот живот која треба да ја знаете.