Која е разликата помеѓу љубов и брак?

Дали знаете да препознаете љубов и дали љубовта е неопходна во бракот? Прочитајте како во античка Грција луѓето поминувале низ слични искуства како и денес.

Еден ден, Платон решил да го праша својот учител:

  • „Што е љубовта? Како можам да ја пронајдам?“

Учителот му рекол: 

  • „Пред тебе се наоѓа едно големо пченично поле. Продолжи да одиш без да се вртиш назад и искини само едно стебленце. Ако го пронајдеш најубавото стебленце, тогаш си ја пронашол љубовта.“

Платон тргнал напред и набргу се вратил со празни раце, а не скинал ниту едено стебленце. Учителот го прашал: 

  • „Зошто не скина ниту едно стебленце?“

  • „Затоа што можев да бирам само еднаш, а не можев да се вратам назад. Го видов најубавото стебленце, но не знаев дали пред мене има подобри, па не го скинав. Како што одев напред, ниту едно следно стебленце не беше добро како тоа што го видов, па на крај не одбрав ниту едно.“

Учителот на тоа му рекол: „Е тоа е љубов.“

Следниот ден, Платон го прашал учителот: „Што е бракот? Како можам да го пронајдам?“

Учителот му рекол: „Пред тебе има бујна и густа шума. Тргни напред, не се врти назад и исечи само едно дрво. Ако го најдеш највисокото дрво, си го пронашол бракот.“

Платон тргнал напред и по кратко време се вратил со едно дрво. Дрвото не било ни бујно, ни високо. Тоа било само обично дрво.

Учителот го прашал: „Зошто го одбра тоа сосема обично дрво?“

Платон одговорил: „Поради моето претходно искуство. Отидов до пола шума. Овојпат го видов дрвово и помислив дека не е толку лошо, па го исеков и го довлечкав дотука. Не сакав да ја пропуштам шансата.“

Учителот се насмевнал и рекол: „Е тоа ти е брак.“