Кој ти кажа дека мораш да се вклопиш во средината во која живееш?

Не се вклопуваш во средината во која живееш? А кој ти кажа дека мораш да се вклопиш?

Кој ти кажал дека мораш да бидеш уште една идентична копија на другите за да те примат во друштвото во кое сакаш да бидеш? Кој ти рекол дека мораш да го избришеш својот лик од својата животна приказна за да станеш статист во некоја заедничка приказна? Во моментот кога ќе почувствуваш дека некој од тебе очекува да бидеш нешто што не си, тоа е вистински знак дека не си на вистинското место и дека треба да продолжиш понатаму. Не го занемарувај тој знак!

Најголемиот проблем не е кога не се вклопуваш во средината во која се наоѓаш, најголемиот проблем е кога конечно ќе се вклопиш во средина која не трпи различности и се обидуваш да бидеш личност каква што другите велат дека треба да бидеш. Тогаш ги бришеш сите свои стари програми прифаќајќи ги оние наметнатите, ги бришеш своите соништа, мали радости кои ставале насмевка на твоето лице, го бришеш сето она кое срцето ти го зборува, бришеш сѐ само за твојата различност да не предизвикува некакви проблеми.

Сите рани кои ги имаш, сите лузни кои те печат, сите предавства на кои се сеќаваш во длабочината на твоето срце се направени од оние на кои се обидуваше да им се приближиш, оние за кои се обиде да откинеш дел од себе само за да се вклопиш и да бидеш како нив. Својата личност ја оценуваше според нивните параметри, а кога повеќе не им беше од корист или кога почна да ја негуваш својата индивидуалност, тогаш решија да те отфрлат, те отфрлија затоа што повеќе не се вклопуваше во нивниот шаблон.

А кој ти кажа дека мораш да се вклопуваш во некои шаблони? Животот ни е подарен за секој од нас да си создаде сопствен шаблон и да ја живее својата оригиналност. Кога ќе почнеш да дишеш онака како што твоето срце ти кажува, ќе ја почувствуваш убавината на животот која се наоѓа во неговата слобода, ќе ја почувствуваш љубовта од другите, токму затоа што си она што си и затоа што и туѓата љубов ја прифаќа твојата оригиналност. Кога ќе почнеш да го покажуваш она што навистина лежи во тебе, луѓето сами ќе ти приоѓаат и ќе ја бараат твојата близина, тоа е патот кон вистинската среќа.