Кој не знае што има, секогаш ќе бара подобро, дури и кога веќе го има најдоброто.
Photo by SHVETS production
Ова не е само реченица за изгубени љубови, туку и за сите оние моменти, луѓе и мали нешта што често ги земаме здраво за готово. Живееме во време кога вниманието ни е расцепкано, очекувањата напумпани, а вистинските нешта, тивки, ненаметливи и лесно пропуштени.
Некогаш тоа е пријател што секогаш слуша, без да бара нешто за возврат. Или утринското кафе со некого што ве разбира и кога не зборувате. Топлината на ќебето во зимска ноќ, нечие „стигни ми се жив“ порано наутро, стари фотографии што мирисаат на време кога сме се смееле од срце. Тоа се дарови што не светкаат, но светат. А кога не знаеме што имаме – ги губиме барајќи нешто поголемо, побрзо, поново.
Има луѓе што ќе ве сакаат тивко, но силно и длабоко. Работи што нема да ви го одземат здивот, туку ќе ви го смируваат. Денови кога ништо „спектакуларно“ нема да се случи, но ќе се чувствувате целосни. Среќата не е во она што недостасува, туку во она што сме престанале да го забележуваме. Треба само да застанеме, да погледнеме околу себе и да се прашаме: што ако ова е токму тоа што некогаш сме го посакувале?
Низ потребата постојано да бараме „повеќе“, забораваме дека највредните нешта во животот не се спектакуларни, туку вистински. Секојдневните гестови на грижа, здравјето што го земаме здраво за готово, мирот во срцето по бурен ден – тоа се работи што не можат да се купат. И кога ќе го сфатиме тоа, тогаш и благодарноста почнува да го менува начинот на кој гледаме на животот.
Секое срце што нè сакало искрено, секој дом каде сме биле добредојдени, секој момент што сме го преживеале и покрај сè – е нешто што вреди повеќе од сите ветувања за нешто „подобро“. Некогаш, подобро не постои. Понекогаш само треба подобро да гледаме.
Затоа, нека не нè води желбата за повеќе, туку љубовта кон тоа што веќе го имаме. Зашто најдоброто не е секогаш она што ќе дојде, туку она што сме имале, а не сме знаеле колку е вредно.