Кој ќе го наследи Иванов: Засега 4 кандидати за Претседател на Македонија

Интензивната партиска активност на дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ веќе ги дава контурите на новата претседателска трка, барем кога станува збор за опозицијата.


Дел од медиумите веќе објавија дека во ВМРО-ДПМНЕ во игра се три имиња како најсериозни кандидати за Претседател на Македонија.

Неофицијалните информации велат дека се сондираат двајца истакнати економисти и поранешни Министри за финансии и Потпретседатели на Владата. Станува збор за професорот Трајко Славески и неговиот наследник во Министерството за финансии Зоран Ставрески. Според неофицијалните информации во игра е и Срѓан Ќерим.

Она што може да се види од партиските активности на ВМРО-ДПМНЕ, се забележува дека Славески веќе е на терен и често може да се види во партиските штабови.

Професорот кој важи за еден од најдобрите економисти во Македонија иако не е познат по интензивни партиски активности може да се забележи како држи состаноци по штабовите на месните и општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ.

Во власта се шпекулира со две имиња. Покрај Радмила Шеќеринска за која шансите се се помали како кандидат на власта се истакнува и Никола Димитров. Со Актуелниот шеф на дипломатијата, како што се шпекулира во партиски кругови веќе се шегуваат нарекувајќи го „Претседателе“.

Кога станува збор за власта треба да се има предвид и ставот на ДУИ. Партијата која на последните претседателски избори бараше консензуален кандидат за Претседател треба да пресече дали ќе може да најде консензус во Димитров или повторно ќе ги „бојкотира“ изборите. 

Доколку ДУИ тргне во насока на тоа да инсистира кандидатот за Претседател да не биде Македонец тогаш останува под знак прашалник дали партиите ќе бараат заеднички кандидат или секој ќе трча соло трка.

Веројатно тука ќе го најдеме и одговорот на дилемата дали останатите политички партии од албанскиот политички блок ќе предложат свои кандидати или ќе се оди како по примерот на „Тиранската платформа“ со „етничко солидаризирање“.

Извесно е дека Претседателски кандидат ќе има и од некоја од помалите вонпарламентарни партии. Се спомнува името на поранешната пратеничка Солза Грчева која веројатно ќе бара поддршка од останатите помали партии на политичката сцена кои или сега се формираа или пак во овој период почнаа поинтензивно да делуваат.

Веќе најавена е и кандидатурата на Тодор Петров, кој и претходно преку ВМРО-ДПМНЕ се обидувал да влезе во претседателската трка. Овој пат Петров најавува дека во трката ќе влезе како независен кандидат.