Кој ќе биде новиот претседател на СДСМ?

Во исчекување на окрупнување на парламентарното мнозинство, во владејачката СДСМ почна постапката за кандидирање за претседател на партијата, откако социјалдемократите во петокот ја утврдија оставката на претседателот на партијата Зоран Заев и беа распишани внатрепартиски избори по пат на непосредно гласање, што ќе се одржат на 12 декември. ДУИ, пак, со став дека ги поддржува внатрепартиските избори на СДСМ но смета оти Заев треба да почека со оставката од премиерската функција и е против предвремени избори.

Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе се кандидира за лидер на партијата. – Во рокот од седум дена, ќе подготвам програма и ќе поднесам кандидатура за претседател. СДСМ е партија со најголем кадровски потенцијал и има поголем број истакнати членови кои би биле одлични кандидати. Постапката е демократска и секој што ги исполнува условите може да се кандидира. Она што е најважно, сите треба да се обединиме околу избраниот претседател, изјави Ковачевски „Фокус“.

Првиот вицепремиер Артан Груби вчера рече дека ДУИ ќе ја почитува внатрепартиската одлука на СДСМ за избор на нов претседател кој е најавен дека ќе биде избран на 12 декември. Тој рече дека тоа е внатрешно партиско прашање на СДСМ што тие го почитуваат и нагласи дека им посакува голем успех на 12 декември на внатрепартиските избори за партиски лидер.

– Ние ќе ја почитуваме таа одлука и ќе го прифатиме секако вердиктот на сите нивни членови коишто ќе одлучат кој ќе биде нивниот следен лидер на 12 декември. Во однос на оставката на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија сметаме дека за тоа треба да се почека. Имаме многу битни прашања пред нас во месеците коишто следат и сметаме дека заедно со Заев на чело на таа Влада ќе треба да ги заокружиме сите тие процеси, вклучително и испраќање на позитивен одговор на сите прашања коишто се дел од дијалогот со соседна Бугарија за да се откочи патот кон добивање на датум за првата меѓувладина конференција и отпочнување на преговори за членството во ЕУ, рече Груби, кој заедно со европратеникот Илхан  Ќучук го посетија ОУ „Исмаил Ќемали“.

Во однос на парламентарното мнозинство, дополни, Груби, ги видовте и вчера ставовите и на СДСМ и на Алтернатива, а тоа ние веќе го кажуваме од денот кога имаше интерпелација на Владата, гласање за недоверба дека парламентарното мнозинство е стабилно и ќе продолжи и тоа го демонстриравме најдобро можно на денот кога требаше да се гласа во Собранието.

Тој воедно истакна дека Заев има директни контакти со Алтернатива и ги информира.

– И ние сме имале контакти со членови на партијата, секојдневно се среќаваат нашите пратеници со нивните пратеници. Какко што реков, апсолутно добредојдени се сите што саката евроатлантска Република Северна Македонија во добри односи со сите соседи и во одлични односи помеѓу заедниците во нашата земја. Сите тие пратеници коишто сакаат таква една развојна прогресивна Македонија се добредојдени затоа што само така ќе ја унапредиме државата, рече Груби.

Порача дека не е време за кризи. – Апсолутно не е време за кризи. Време е да ги засукаме ракавите и навистина да испорачаме како што испорачавме НАТО, како што испорачавме со Преспанскиот договор така и да испорачаме и со Добрососедскиот договор. И Охридскиот рамковен договор го испорачавме. Граѓаните немаат време да се тормозат од трагедија па се до неизвесности. Мора да има извесност во нашата држава каде и што ќе се случи утредента, а тоа што утредента е единствената желба на сите граѓани да ја видат нашата држава во ЕУ, изјави Груби

Меѓудругото тој кажа дека парламентарното мнозинство ќе се стабилизира, ќе биде поголемо од тоа што е сега и ќе треба да го заврши мандатот во 2024 година.

– Предвремени избори можеби може да се дискутираат заедно со претседателските избори коишто треба да се одржат во 2024 во месец април или мај. Ние сме подготвени да ги прифатиме сите тие демократски сили во Собранието коишто ја посакуваат, работат и се залагаат за евроатлантска Република Северна македонија. Сметам дека тоа треба да е поривот некој да дојде во влада или да прифатиме некој да дојде во влада. Програмските определби, позициите се всушност за да им служат на граѓаните и да ги најдеме најдобрите луѓе, одговорни луѓе за да го испорачаат тој дел од програмата којшто ќе го усогласиме, рече Груби.

Во петокот Централното претседателство го овласти претседателот на Алтернатива Африм Гаши да комуницира со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.

– Алтернатива како сериозна политичка партија која отсекогаш знаела да се издигне над сопствените интереси вечерва разговараше за можноста и помошта за откочување на ситуацијата во земјава. Вкупниот заклучок на Централното претседателство беше дека треба да им дадеме шанса на стабилноста и континуитетот за да може земјата да се надева на датум за членство во ЕУ, изјави портпаролот на Алтернатива Орхан Муртезани по седницата што се одржа во партиското седиште во Скопје.

За ВМРО-ДПМНЕ оставката на Заев не е доволна, туку потребни се предвремени избори и нова влада. На 12 декември лидер на Конгрес во Скопје ќе бира и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.