Кој им се заканувал на пратениците на ДУИ?

Од партијата и официјално потврдија дека до нивните пратеници стигнале пораки со заканувачка содржина, но прстот го вперија кон власта давајќи му на случајот политичка конотација.

Од партијата велат сведоци сме на организирана и смислена кампања за клевети и закани против ДУИ чија цел е прикривање на големите неуспеси и грешки на новата влада во првите месеци од нивниот мандат.

Со измислени обвинувања и насилни акции, тие се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста од реалните проблеми и катастрофалните резултати на владејачките политики. Ги повикуваме институциите да ги истражат овие инциденти и да ги изведат пред лицето на правдата сите оние кои се одговорни за оваа кампања на терор и заплашување.“ – се вели во реакцијата на опозициската ДУИ.

Загриженост за случувањата стигна и од првиот човек на Собранието, Африм Гаши, кој ги повика надлежните институции да го истражат случајот. Собранискиот спикер најостро ги осуди заканите и обидите за насилство или поттикнување насилство.

Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите. Анонимноста во испраќањето такви пораки или на социјалните мрежи може да му даде на испраќачот чувство на неказнивост, но мора да признаеме дека нашите институции се активни и способни“ - се вели во соопштението на Гаши.

Од МВР велат дека за настанот веќе е известена Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, како и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.