Кој ги убива скопјани - кој е најголемиот загадувач во градот?

Затоплувањето на домовите со согорување дрва, јаглен или нафта, сообраќајот, индустријата, а можеби најважно, местоположбата и климатските услови во урбаните средини…

Ова се главните причини поради кои деновиве македонските граѓани дишат екстремно загаден воздух. Зимата е најкритичниот период кога вообичаено се бројат концентрациите на полутанти во воздухот, а дебатата меѓу експертите, надлежните институции, зелените невладини организации и граѓаните се сведува на прашањето кој е најголемиот загадувач на воздухот во Скопје и другите поголеми градови. Конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот речиси и нема, а најсигурното решение е да се чека да дојде пролет.

Кој е најголемиот загадувач на воздухот е тешко да се посочи. Надлежните се согласни дека виновници има повеќе, кои особено во зимскиот период заемно се надополнуваат. Сообраќајот спаѓа во петте најголеми аерозагадувачи,  како и индустриските капацитети, кои иако се стремат кон зелена технологија, сепак се’ уште на секој начин се обидуваат да заштедат на полето на заштитата на животната средина.

Сепак, и сообраќајот и индустријата се активни и во летниот период, кога загадувањето на воздухот е забележително помало од зимското. Тоа, коментираат експертите, зборува дека е големо влијанието на емисиите во воздухот од затоплувањето на домовите, како и од топлинските капацитети.