Кој е виновен за пасошката криза?

Кој е виновен за пасошката криза? Сегашниот и поранешниот министер меѓусебно се обвинуваат за недостатокот на патни исправи. Техничкиот министер вели дека станува збор за наследен проблем од сегашниот технички премиер. Чулев тврди дека Спасовски имал две години за да потпише 10-годишен договор за набавка на пасоши, но наместо тоа, на два пати биле потпишани рамковни договори со германската компанија.

Спасовски, пак, иако до 3 јануари беше на фунцкијата министер за внатрешни работи, не може да се сети кога била направена последната анализа за потребата за патни исправи. Посочи дека прашањата околу пасошката криза треба да му бидат поставени на техничкиот министер.

Чулев бара Владата да свика седница за да се разгледа неговиот предлог за решавање на кризата. Односно, ставање апостилски печат и испраќање дипломатска нота до с ите држави, со што би се продолжил рокот на траење на патните исправи. Спасовски, пак, вели дека Чулев нема доставено информација до Владата со што овој предлог би се ставил на дневен ред.

И додека членовите на Владата од спротивставените политички партии си ја префрлаат топката,  расте гневот на граѓаните.

Денеска со работа почна 9-члената комисија која треба да одлучува кои граѓани ќе ги добијат преостанатите 3.400 пасоши. Приоритет ќе имаат луѓето кои треба да се лекуваат во странство и оние кои треба да учествуваат на меѓународни натпревари.

Новата пратка од 100.000 пасоши, според договорот со германската компанија, треба да пристигне на 24 март.