Кој е Трајко Славески - новоизбраниот претседател на Советот на Град Скопје?

Трајко Славески, носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии е избран за претседател на Советот на Град Скопје.

Славески и претходно кратко бил член на Советот на Град Скопје, во периодот од април 2005 до август 2006 година, а по победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2006 година, на 27 август 2006 година бил избран за министер за финансии.

Оваа функција ја извршувал до 10 јули 2009 година, кога бил разрешен од Собранието.

Во периодот 1999 - 2000 година, година Славевски бил министер за развој во владата на Љубчо Георгиевски.

Од ноември 2000 до септември 2002 година, ја вршел функцијата советник на министерот за финансии и национален координатор за подготовка на „Националната стратегија за намалување на сиромаштијата“.

Роден е во Охрид во 1960 година. Посетувал редовни студии на Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а на пост-дипломски студии бил на Калифорнискиот државен Универзитет во Чико, САД и на Универзитетот Харвард. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1983 година, а магистрирал и докторирал на истиот факултет во 1988 и 1997 година, соодветно.

Во неговите полиња на професионален интерес спаѓаат: микроекономија и макроекономија; политичка економија на транзицијата и приватизацијата; бизнисот и владата (државата); економските и социјалните функции на државата; економика на работната сила; економика на корупцијата и организираниот криминал.

Проф. Славески предавал и на неколку престижни интернационални унивезитети и е автор или ко-автор на пет книги и бројни статии, објавени во земјата и странство, во научни и стручни списанија.

 Бил раководител на неколку владини проекти од кои произлегле официјални владини документи, како, на пример: Среднорочната стратегија за развој и реформи “Македонија 2003”, (2000 година), Националната стратегија за намалување на сиромаштијата (2002 година), Пред-пристапната економска програма (2008 и 2009), Националниот развоен план (2009) и др. Проф. Славески бил член на неколку меѓународни истражувачки мрежи.

Во 1992 година,Славески, како советник на министерот за развој, беше еден од авторите на Антиинфлаторната програма, донесена заедно со чинот на монетарното осамостојување на Република Македонија.

Како министер за финансии учествуваше во спроведувањето на низа реформи во даночниот и финансискиот систем во Република Македонија, осовременување на платниот промет, интегрирање на наплатата на персоналниот данок од доход и социјалните придонеси во Управата за јавни приходи (концептот бруто-плата) и непосредно раководење со спроведувањето на фискалната политика во услови на високата инфлација од 2007 година (резултат на порастот на светските цени на храната и на енергијата) и Големата рецесија 2007-2009 година.

Славески, во периодот септември 2006 – јули 2009 година ги извршуваше функциите гувернер на Република Македонија во Светската банка и во Европската банка за обнова и развој.

Славески по вчерашната конситутивна седница изјави дека Советот на Град Скопје е составен од квалитетни професионалци кои ќе работат во интерес на граѓаните на главниот град.