Кој е Раде Трајковски-Штекли и зошто е уапсен?

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера соопшти дека во полициска акција по Наредба на Обвинителството за организиран криминал лишен од слобода е Раде Трајковски – Штекли. Тој се сомничи за трговија со дрога, а МВР и Бирото за јавна безбедност се во потрага и апсење на целата група која тој ја предводел. Како што објавуваат некои медиуми, тој е уапсен при обид за бегство во близина на хотел во околината на Гевгелија.

Кој е Раде Трајковски – Штекли?

Раде Трајковски, познат како Штекли, е 41-годишен скопјанец со богато криминално досие. Тој неодамна беше уапсен во близина на хотел во околината на Гевгелија, под сомнение за трговија со дрога. При апсењето, се обидел да побегне, но бил фатен од полицијата. Заедно со него, уапсени се и членови на неговата криминална група, а на висок полициски службеник му е одземен телефон поради сомневање дека им одавал службени информации на групите на Штекли и на нарко кланот „Барон/Беланоца“.

Штекли е познат по тоа што преживеал три обиди за ликвидација. Последниот напад се случил во ноември минатата година, кога во дворот на неговата семејна куќа во скопската населба Ќерамидница била активирана бомба. Тој бил повреден и пренесен во болница, но поминал без сериозни повреди. Претходно, двапати бил нападнат во трговскиот центар Ист Гејт во Скопје, при што по вториот напад завршил во болница.

Во 2021 година, Штекли бил екстрадиран од Србија и одлежал шестмесечна затворска казна во затворот Скопје, познат како Шутка, за друго дело. Иако неофицијално се поврзувал со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев, против него не биле пронајдени докази и не бил обвинет. Исто така, во 2011 година бил уапсен во Атина, Грција, како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Тогаш бил екстрадиран во Италија, каде имал судење за големиот случај со наместени натпревари во италијанскиот фудбал.