
Откако почина 13-годишното дете кое беше повредено во насилниот инцидент во скопски Чаир, со став, се огласија од „Глас против насилство“, од каде изразија сочувство до семејството и блиските.
Од иницијативата велат дека трагичниот исход не смее да биде проследен само со изјави и ветувања, туку бараат од институциите темелно да се утврдат сите околности околу случајот.
„По којзнае кој пат бараме државата да преземе сеопфатни мерки за заштита на децата од насилство. Денес бараме и одговор: кој бил должен да ги препознае предупредувачките знаци, дали имало претходни сигнали и што направиле надлежните институции?“, велат од „Глас против насилство“.
Оттаму бараат јавноста да биде информирана за институционалното постапување, а сите околности да бидат целосно истражени.
Став изнесоа и од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, од каде посочуваат дека одговорноста за спречување на насилството не смее да се префрла врз децата.

„Недозволиво е по секој тежок случај одговорноста повторно да се бара првенствено од децата: да се етикетираат како „насилни“, да им се држат лекции за однесување и да се предлагаат сè построги казни“, велат од Националната мрежа.
Според нив, казните сами по себе не можат да препознаат дете во ризик, да обезбедат безбеден простор за пријавување или да овозможат навремена психолошка помош. Тие бараат образовните институции, центрите за социјална работа и здравствените служби да воспостават систем на превенција, со обучени наставници и стручни служби, доверливи механизми за пријавување и навремена процена на ризикот.
Од Националната мрежа повторно ја отвораат и темата за сеопфатното сексуално образование, кое, како што наведуваат, треба да биде дел од превенцијата од насилство.
„Тоа ги учи децата, на начин соодветен на нивната возраст, да препознаат насилство и злоупотреба, да ги почитуваат сопствените и туѓите граници, да градат односи без понижување и присила и да знаат каде да побараат помош“, се наведува во соопштението.
Од организацијата додаваат дека државата не треба одговорноста да ја префрла врз децата, туку институциите да реагираат навреме и да обезбедат систем во кој децата можат безбедно да побараат помош.