Кој беше Енвер Малиќи?

Енвер Малиќи, успешен бизнисмен, политичар, член е на Советот на Град Скопје и заменик градоначалник, пријател, родител, другар на многумина... Познат како сопственик на хотели, инвеститор во станови, трговец... Избран како маж на годината и почесниот конзул на Мексико...Кој беше Малиќи во економско-општествениот живот во државава? 

Енвер Малиќи беше назначен за заменик-градоначалник од страна на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Тој беше еден од најбогатите стопанственици во нашата држава и сопственик на компанијата „Гемак Трејд“ која во моментот е една од најголемите дистрибутерски куќи во земјата и работи со неколку познати светски брендови.

Компанијата ги вклучуваше компаниите „Gekos group“ во Косово, резиденцијалниот комплекс „Парк Резиденс“ како и хоспиталити групацијата “Parkland Hospitality Group” на која припаѓаат веќе добро познатиот и реномиран хотел „Парк Хотел и Спа“ како и најновиот член на семејството „Next Door Park“ хотел.

Во 2010 година „Гемак Трејд“ е прогласена за најуспешна компанија во северозападна Македонија со вкупен промет од речиси 3 милијарди денари.

Го поседуваше и луксузниот „Парк Хотел и Спа“, кој се наоѓа на кејот на Вардар, а вкупната инвестиција го чинеше околу 15 милиони евра.

Заменик-градоначалникот на Скопје, Енвер Малиќи беше официјално именуван за почесен конзул на Мексико во Македонија од претседателот на Обединетите Мексикански Држави.

Тој тогаш изјави:
„Mојата улога како почесен конзул на економски гигант како Мексико во Македонија мислам дека ќе помогне Македонија да се постави на мапата на поголемите пазари. Бидејќи главната амбасада на Мексико е со седиште во Белград и ги покрива Србија, Босна, Црна Гора, Косово и Македонија се надевам дека ќе постигнеме да бидеме поприсутни на овој голем пазар, а со тоа ќе го зголемиме и извозот од Македонија.“ 

Минатата година тој наплати 2,2 милиони евра камати од државата затоа што бил оштетен, па наместо три ќе можел да гради само еден хотел под Калето. Си ги врати парите од буџетот, а не и’ ги прости каматите кои се далеку повеќе од неговата првична инвестиција.

ИРЛ.мк тогаш напиша:

- Заменикот градоначалник на Скопје Енвер Малиќи преку извршител од државата наплати 2.273.000 евра на име камати. Освен парите од каматите на Малиќи од буџетот му се вратени и 1.254.000 евра за парцели кои беа предмет на судскиот спор. Станува збор за градежно земјиште на кејот на Вардар, во близина на скопското Кале, каде требаше да се градат хотелски комплекси и деловни објекти. 

Малиќи починал утринава од компликации со коронавирусот во „Систина“ откако претходно бил лекуван на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.