Министерот за здравство Венко Филипче објасни дека дел од земјиштето во Бардовци каде ќе се гради  новиот клинички  е државно, а дел е приватно.

Но како што дополни  градоначалникот на Карпош,  Стефан Богоев тоа нема да биде пречка, бидејќи според генералниот урбанистички план донесен во 2010 година, кој важи до 2020-та оваа област е наменета да биде здравствена зона.

-Некои од сопствениците на земјиште ако сака да прави станбен објект или индивидуална куќа не може тоа да го направи, бидејќи генералниот УП  веќе  предвидува намена – здравство и јас верувам дека приватните сопственици на земјиште ќе бидат задоволни- кажа  Стефан Богоев – Градоначалник на Општина Карпош.

Богоев  не открива, во чија сопственост се приватните парцели на кои ќе се гради објектот, ниту колку ќе чини експропријацијата на земјиште.

Пристап до броевите на парцели и имотни листови има Агенцијата за Катастар, како и кои се сопствениците. Дополнително, од општина Карпош велат дека за прашањето колку пари ќе им се плати на сопствениците на парцелите на кои ќе се гради објектот, одговори да бараме во Министерсвото за финансии.