Со потпишување на договорот за вработување се заснова работен однос меѓу работникот и работодавачот.  

Правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуват да се остваруват со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување.

После потпишувањето на договорот работодавачот е должен да поднесе пријава/одјава (електронски образец М1/М2 испечатен од системот на Агенцијата за вработување на Република Македонија) за работникот во задолжително социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност), во согласност со посебните прописи, во Агенцијата за вработување на Република Македонија, по електронски пат или непосредно во Агенцијата,  еден ден пред работникот да стапи на работа, а за итни и неодложни работи, најмалку еден час пред работникот да стапи на работа. Заверена фотокопија од пријавата или извод од компјутерски запис од информацискиот систем на Агенцијата му се врачува на работникот во рок од три дена од денот на стапувањето на работа.

Ако датумот на стапување на работа не е определен во договорот за вработување,како датум на стапување на работа се смета наредниот ден од датумот на потпишувањето на договорот за вработување, а работникот се пријавува во Агенцијата за вработување на Република Македонија на датумот на потпишувањето  на договорот за вработување. Работникот не може да стапи на работа пред да се склучи договор за вработување и пред работодавачот да го пријави во задолжително социјално осигурување.

Договорот за вработување се склучува во писмена форма и се чува во работните простори во седиштето на работодавачот.  Примерок од склучениот договор за вработување му се врачува на работникот на денот на потпишувањето на договорот за вработување.

Случаи кога работникот е отсутен од оправдани причини од работа и не може да отпочне со работа на денот определен со договорот за вработување се:

– болест;

– смртен случај на член на потесното семејство;

– елементарна непогода (пожар, поплава и сл.);

– други случаи предвидени со колективен договор или договор за вработување.

Обврски на работникот

Работникот е должен совесно да ја извршува работата на работното место за коешто склучил договор за вработување, во време и на место, коишто се определени за извршување на работата, почитувајќи ја организацијата на работа и деловната активност на работодавачот. Во случаите определени со закон и колективен договор, работникот е должен да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка.

Работникот е должен да ги почитува барањата и упатствата на работодавачот во врска со исполнувањето на работните обврски од работниот однос. Исто така работникот е должен да ги почитува и спроведува прописите за заштита при работа, да го заштити својот живот и здравје, како и здравјето и животот на другите лица.

Право и обврска на секој работник е да се грижи за сопствената безбедност и безбедноста на другите лица кои работат со него, во согласност со обуките и инструкците кои му се дадени од страна на работодавачот, да биде запознаен со мерките за безбедност на здравје при работа и да биде обучен за нивната примена, согласно со прописите за безбедност и здравје при работа.

Работникот има право да одбие извршување на работата доколку е изложен на непосредна опасност по здравјето или по животот, кога не се спроведени безбедносните мерки и да побара нивно отстранување

Обврска за известување

Работникот е должен да го известува работодавачот за суштинските околности кои влијаат, односно би можеле да влијат на исполнувањето на неговите договорни обврски. Работникот мора веднаш да го извести својот работодавач преку непосредно претпоставениот раководен работник или друго овластено лице кај работодавачот, усно или во писмена форма за настанување на материјална штета и за секој недостаток, опасност по безбедноста и здравјето или за друг инцидент со кој може да се загрози неговата безбедност и здравје и безбедноста и здравјето на другите работници, согласно со прописите за безбедност и здравје при работа.

Обврска на чување на деловна тајна

Работникот не сме да ги искористи за своја сопствена употреба или да ги предаде на трето лице податоците што се сметат за деловна тајна на работодавачот, кои како такви со посебен акт ќе ги определи работодавачот и кои му биле доверени на работникот или со кои бил запознат на друг начин. Работникот е одговорен за издавање на деловна тајна, ако знаел или би морал да знаеза таквото својство на податоците.  Секој работник кој доаѓа во контакт со материјали, информаци и податоци кои се класифицирани е должен да ја чува тајната на истите. Исто така за времетраењето на работниот однос работникот не сме без согласност на работодавачот за своја или на туѓа сметка да врши или склучува работи кои спаѓат во дејноста на работодавачот и значат или би можеле да значат конкуренција на работодавачот.