Кои се основните карактеристики на еден просечен стан во Скопје?

Купувањето на нов стан е една од најзначајните одлуки во животот, но дали сте се запрашале кои се основните карактеристики на еден просечен стан во Скопје? Средната големина на становите, бројот на собите, атрактивноста на локациите за градење, вредноста на станбениот квадрат и предностите на населбата во која се наоѓа станот се некои од најзначајните податоци кои можат да ви помогнат при купувањето на нов дом од соништата во македонската метропола.

Ланската понуда и побарувачка на станбени површини во македонската метропола покажува дека апсолутен лидер во изградбата на нови станови е Општина Аеродром.

Голем број луѓе го сакаат живеењето во овој дел на Скопје поради тоа што грото од населбите се плански градени по земјотресот. Урамнотежената распределба на зеленило, паркинзи за автомобили и станбени згради ја издигнуваат оваа општина високо на листата на атрактивност. Близината и бројноста на градинките, училиштата, спортските терени и трговските центри им овозможуваат на жителите да ги задоволат своите секојдневни потреби. Пристапот до централното градско подрачје е решен со бројни автобуски линии, а на територијата на Општина Аеродром се наоѓа и Транспортниот центар-Скопје.