Семејното насилство долго време било проблем во домот на 36-годишната В.И. и нејзиниот сопруг во Кратово. Во текот на годините имало неколку пријави, како од неа, така и против неа.
Сè уште не е потврдено дали мотивот за злосторството е поврзан со семејното насилство. Меѓутоа, вчера одекна веста дека сопругата го убила својот сопруг и неговиот татко, користејќи нож како оружје.
„Синоќа околу 22 часот, полициски службеници од ОВР Кратово ја лишиле од слобода В.И. (36) од Кратово. Таа се сомничи дека во семејната куќа во Кратово, со остар предмет ги нападнала нејзиниот сопруг Ј.И. (38) и неговиот татко (63), кои починале од здобиените повреди. По насоки на јавен обвинител, телата на починатите биле предадени на обдукција, В.И. е приведена и задржана во полициска станица. По целосното документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава“, информира Тони Ангеловски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.
Полицијата информира дека последната пријава за семејно насилство во полициската станица во Кратово пристигнала оваа година од осомничената В.И., но и свекрвата на В.И. ја пријавила за семејно насилство, а претходната година истото го направила и золвата.
Убиениот сопруг во 2020 година ја пријавил својата сопруга за семејно насилство, а годината пред тоа, против него била поднесена кривична пријава за семејно насилство во Основното јавно обвинителство Куманово.
Вчерашната трагедија заврши со смрт на сопругот и неговиот татко, а осомничената користела нож како оружје.