Кои се економските последици и што треба да очекуваат граѓаните како резултат на кризата на Блискиот Исток?

Воените дејствија на Блискиот Исток и понатаму траат, а затворањето на Ормутскиот теснец ја става како заложник глобалната економија и енергетика. Македонија иако е релативно далеку, сепак поради меѓузависните глобални односи не ја прават имуна на овие случувања. Преку порастот на цените на нафтата на глобално ниво, горивата драстично скокнаа и во нашата земја, а преку проастот на цените на горивата ќе бидат зафатени и други индустрии.

Во однос на поскапувањето на нафтата и влијанието врз домашната економија, извршната директорка на „Фајненс Тинк“, Благица Петрески за Скопје Инфо вели дека поскапувањето на нафтата во домашната економија се пренесува постепено, преку раст на трошоците за енергија, транспорт и производство. Таа вели дека првично ефектот е највидлив кај горивата, но со одредено задоцнување,  и зависно од тоа колку ќе трае кризата,  постои ризик дел од тој притисок да се пренесе и во цените на храната, услугите и другите производи, но сепак вели дека не значи дека овој процес ќе биде брз и нагол.

„Ризиците за пошироко влијание врз реалната економија постојат, но тие се јавуваат во следна фаза, доколку шокот се задржи подолго. На  краток рок – односно ако шокот трае 1 до 3 месеци – ефектот врз инфлацијата е релативно ограничен. Проценките на Finance Think покажуваат дека раст на цената на нафтата од 10% се пренесува со околу 0.1 процентен поен врз вкупното ниво на цени. Тоа е така затоа што цените на горивата се регулирани и се прилагодуваат со одредено задоцнување, нивната тежина во потрошувачката кошница е ограничена, а фирмите внимателно проценуваат дали повисоките трошоци се привремени пред да ги префрлат врз крајните цени. Но, ако шокот потрае, цените на нафтата се задржат високи подолг период, сликата се менува. Тогаш веќе не зборуваме само за директен ефект кај горивата, туку за постепено вградување на повисоките трошоци низ целата економија“, објаснува Петрески.

Извршната директорка на Фајненс Тинк посочи дека проценките покажувале дека на подолг рок ефектот врз инфлацијата може да се движи во поширок интервал – од околу 0.25 до 1.65 процентни поени при раст на цената на нафтата од 10%, што укажува дека со текот на времето преносот станува поизразен.

„Затоа, клучното прашање не е само колку ќе порасне цената на нафтата, туку дали тој пораст ќе се задржи – бидејќи токму траењето на шокот ја одредува неговата вистинска економска тежина“, додава таа.

Петрески смета дека во овој момент стравувањата од инфлација се разбирливи, но дека не се оправдани.

„Најреално е да очекуваме нов бран на увезен инфлаторен притисок, кој најпрво ќе се види кај горивата и транспортот, а потоа, ако високата цена на нафтата се задржи повеќе од 2 до 3 месеци, делумно и во пошироката потрошувачка кошничка. Нашите проценки покажуваат дека на краток рок ефектот е мал, но ако шокот опстои, тогаш може да стане повидлив и да ја забави дезинфлацијата, односно процесот на смирување на цените. Значи, ризик од повисока инфлација постои, но засега зборуваме за умерен, а не за драматичен ценовен шок како тој кој беше во енергетската криза предизвикана од војната во Украина“, вели таа и воедно додава дека клучно и тука останува времетраењето на кризата.

Во однос на кои се другите ефекти кои што граѓаните би требало да ги очекуваат, Петрески истакна дека засега, ефектите биле главно концентрирани кај транспортните трошоци и цените на горивата, односно таму каде што преносот од глобалниот шок бил најдиректен.

„Во таа насока, веќе е преземена мерка од Владата за намалување на ДДВ на нафтените деривати, со цел да се ублажи почетниот притисок и да се амортизира ефектот врз транспортните трошоци и цените во раната фаза. Сепак, доколку повисоките цени на енергенсите се задржат подолг временски период, постојат ризици од постепено прелевање и во други сегменти на економијата. Во таков случај, повисоките трошоци за транспорт и енергија може да почнат да се вградуваат во производството и да имаат секундарни ефекти врз цените на одредени производи и услуги“, смета таа.

Отпорноста на индустриите во вакви услови, според директорката на Фајненс Тинк, најмногу зависи од нивната изложеност на енергија и транспорт како влезни трошоци. Петрески посочи дека најранливи се секторите каде тие трошоци имаат големо учество – пред сè транспортот и логистиката, земјоделството и делови од преработувачката индустрија. Кај нив, поскапувањето на нафтата, како што рече, релативно брзо се одразувало врз трошоците на работење, што создава притисок врз цените или врз профитабилноста.

Во однос на потенцијалниот ценовен шок предизвикан од драстичниот скок на цените на нафтата, и дали тоа може да се одрази врз цените на храната, асистент магистер Давид Салтамарски од Центарот за Агроекономика при институт за сточарство и рибарство при УКИМ, за Скопје Инфо вели дека драстичното зголемување на цените на нафтата очекувано е да има ефекти врз цените на производството. Тој нагласи дека нафтениот шок ќе предизвика cost – push ефект низ целиот синџир на храна, кој потоа ќе се ефектуира и во малопродажбата.

„Се зависи од тоа колку многу ќе пораснат цените на нафтата и колку ќе се задржат на одредено ценовно ниво. Но тоа не значи дека ако нафтата порасне 20%, сите цени во маркетите растат 20%. OECD и FAO веќе нагласија дека агро-прехранбениот сектор е силно зависен од енергија и дека повисоките трошоци за енергија и ѓубрива можат да ги покачат цените на храната. Економската и бизнис логика во овој случај е јасно видлива и ќе биде пресликата преку неколку сегменти. Првично, кога нафтата поскапува, растат трошоците за транспорт, дистрибуција и логистика. Потоа, растат трошоците за преработка, пакување и складирање, затоа што храната не стигнува до маркет само како суровина, туку минува низ повеќе енергетски зависни фази. И секако, земјоделството користи  механизација и ѓубрива, чии ефекти се тесно поврзани со енергетските пазари“, објаснува Салтамарски.

Тој смета дека зголемувањето на цените ќе одигра улога во земјоделското производство, при што директното влијание од цените ќе се одрази преку дизелот за механизација, транспортот, пумпите и логистиката, а индиректниот канал е преку поширокиот енергетски шок, кој ги поскапува и други инпути на производството.

„Нафтата директно го погодува дизелот и транспортот и неминовно ќе предизвика поширок енергетски шок, но кај ѓубривата клучната енергетска врска често се одвива преку природниот гас, особено кај азотните ѓубрива. Оддтука во светски рамки, ефектот може да биде силен, особено кога нафтениот шок би се совпаднал со поширок раст на цените на енергијата и ѓубривата. Чинам дека земјоделието во регионот на Западен Балкан ќе биде повеќе погодено отколку во другите региони, имајќи во предвид дека има поголеми структурни слабости во споредба со развиените земји од Европа“, вели Салтамарски.

Конкретно за Македонија, тој смета дека ценовниот шок ќе се одрази и покрај субвенционираното гориво за земјоделска механизација.

„Македонија е увозно зависна земја со висок процент на трговска отвореност и волотилна кон трговските текови, а секако тоа подразбира и увоз на горивата. За очекување се и промени на индексите на цените во земјоделството“, додава тој.

Салтамарски посочува дека е потребно зголемување на инфраструктурните капацитети со цел отварање и на други трговски рути и смета дека треба повеќе да се стави акцент на домашното земјоделско производство, што ќе резултира и со намалување на ценовните шокови на среден и долг рок.

                                                                                                                                                                                                        В.Ј.