Кои општини се без катастарски записи за своите објекти

Катастарски не се запишани основни училишта, градинки, домови на култура и други објекти што се имот даден од државата на управување на општината Гази Баба. Општината е на пат допрва да го почне овој процес. Првпат во буџетот за 2020 година локалната самоуправа издвои средства за уредување на имотноправните односи за објектите што се во нејзина надлежност. Од општината велат дека со нивниот катастарски упис ќе го решат проблемот што го наследиле. Оваа незавршена правна процедура ја оневозможува општината вистински да стопанисува со објектите. Не може ниту да ги одржува или реконструира оние што се нефункционални, ниту пак може да ги издава под закуп оние што се функционални, а од нив би можела да остварува приход.

– Општината првпат подготвува буџетска програма во која предвидува средства за уредување на имотните односи за објектите во нејзина надлежност. Многу од објектите со кои управува општината сè уште не се запишани катастарски. Тука спаѓаат сите основни училишта, градинки, спортски сали, терени, домови на култура, објекти на месни и урбани заедници и друго. Со запишувањето во катастарот се решава уште еден проблем што го наследивме. Општината сега не може да направи никакви доградби или проширувања на објектите без да добие дозвола, иако тие објекти ѝ се доделени на општината од државата многу порано. Во буџетот за 2020-та за оваа намена се предвидени 500 илјади денари. Овие средства се наменети за целосно да се заврши процесот на легализација, да се довршат сите правни акти и елаборати и целосната документација да биде доставена за упис во катастарот.

Предноста од овој чекор е што општината Гази Баба ќе ги преземе објектите што се во нејзина надлежност за да може да стопанисува и да ги одржува, а оние што се надвор од функција да бидат обновени и да остварува приход од издавање под закуп. Целта на овој проект е објектите што се во надлежност на општината Гази Баба целосно да се вратат во функција – објаснуваат од општината Гази Баба.

Други општини, пак, како на пример Карпош, ваквите имотноправни односи ги средиле низ стандардна процедури или веќе ги приведуваат при крај. Општината Ѓорче Петров веќе ги има катастарски запишано 24-те објекти со кои управува, како училиштата, центарот за култура, градинките, градежниот објект на општинската зграда и други градежни објекти.
Општината Карпош нема ваков проблем, бидејќи, како што велат, веќе ја завршуваат правната постапка, која одамна била започната.

– Што се однесува до имотот на општината, односно сѐ што имаме добиено од Владата со делбениот биланс од 1999 година („Службен весник“), кога Владата ги префрлаше имотите на општините, или од други органи што имаат право да ѝ пренесат одредени права на општината, во најголем дел е катастарски евидентирано. Под права подразбираме право на сопственост, долготраен закуп и право на располагање. Тоа се однесува на училишта, градинки, спортски терени и сали. Доколку во мал број има нешто да се досреди, тоа го средуваме тековно низ стандардни постапки – велат од Карпош.