Кои компании ќе им ги бришат долговите на граѓаните?

Законот за отпис на камати за наплата на долгови веќе помина еден собраниски филтер, а градските и јавните претпријатија како скопски „Водовод и канализација“ на пример, се должни да го прават отписот. Приватните доверители пак, доброволно треба да одлучат дали ќе направат едностран отпис, како што е предвидено во законот, пренесува Фактор .


Од ЕВН Македонија велат дека од секогаш имале разбирање за проблемите на граѓаните, па така, како што велат од таму, ќе биде и овој пат. 

„ЕВН Македонија секогаш била отворена за соработка со корисниците за надминување на проблемите со плаќањето на старите долгови. Во изминатите години креиравме кампањи и проекти за плаќање на долговите со низа поволности и компанијата ги поддржа сите активности кои водат кон намалување на енергетската сиромаштија. Отвореност и позитивен став ЕВН Македонија има и кон прашањето за отпишување на каматите на неплатените долгови пред 2011-та“, велат за Фактор оттаму. 

Таква практика имале и во „Македонски Телеком АД“ и тврдат дека излегувале во пресрет на многу корисници.

„Македонски Телеком АД Скопје и во досегашното работење во насока да им излезе во пресрет на корисниците има практика за ослободување од плаќање казнена камата во случаи кога кон корисникот е поведена постапка пред надлежните органи за наплата на ненаплатени побарувања, односно е започнат процесот на тужење. Компанијата индивидуално го разгледува секое барање на корисникот и одлучува за него, при што, секако, услов за ослободување од плаќање на казнената камата е главниот долг и сите трошоци во правната постапка да бидат подмирени“, велат од Телеком. 

Исплатата на основниот долг била услов за отпис и во „Оне Вип“. И оттаму велат дека и без законска основа имало вакви случаи. 

 „Во досегашната пракса на Оне Вип, во зависност од секој случај поединечно, за физички лица кои имаат долгови постари од 2011 година, доколку доброволно го исплатат целокупниот основен долг, компанијата прави отстапка и ја отпишува каматата како олеснителна околност. Најавениот закон не можеме да го коментираме бидејќи сеуште не сме запознаени со деталите од него“, изјавија од овој оператор. 

Законот за отпишување на камата за наплата на долгови обезбедува отпис на затезната односно казнената камата, која се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за комунални дејности, електрична, топлинска енергија, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и трошоците на постапката од страна на должникот. 

Предложениот закон предвидува отпишување на каматата што се пресметува од поднесување на тужбата за присилна наплата на паричниот долг, до конечна исплата на паричното побарување. Станува збор за проблем со кој граѓаните се соочуваат од 2011 година, кога извршните предмети од судовите се пренесени кај нотарите, а потоа тие завршуваат кај извршителите. Во тој процес најголеми жртви се граѓаните кои се соочија со огромни затезни и казнени камати за предмети за кои не биле ни свесни дека постојат, ниту пак дека има предлози за присилна наплата. 

Доверителот е должен во рок од 15 дена по приемот на доставениот доказ за извршена уплата на главниот долг, да го извести должникот по писмен пат со препорачана пратка на адресата која е регистрирана кај доверителот, за усвојување (целосно или делумно) или за одбивање на отписот на каматата. Доколку доверителот изврши отпис на каматата, должен е веднаш, но не подоцна од осум дена по донесената одлука, за истото да го извести нотарот или извршителот кај кого било трансферирано решението за извршување издадено од судот, дека е исплатен главниот долг и извршен е отпис на каматата, заради што бара запирање на постапката пред нотарот или извршителот.