Кога стана непопуларно да имаш чувства и да се грижиш за луѓето?

Не знам кога стана ова тренд, но во последниве години забележувам дека е тренд да немаш чувства (или да се преправаш дека ги немаш), да не ти е гајле за другите, да ти биде сеедно, итн. Не знам кога и како стана мода и популарно нешто, но навистина ми оди на нерви.

Да, секако дека е важно човек да се грижи за себеси и да се става себеси на прво место, но зошто тоа мора да биде на сметка на другите и зошто мора да биде придружено со газење на други луѓе, тотална нечувствителност и никаква грижа за другите луѓе, особено блиските? 

Да се грижиш и сакаш себеси не значи дека ти дава дозвола да бидеш робот кој откачува луѓе по волја, кој нема време да ги праша луѓето околу него како се и да ги ислуша кога имаат проблеми. Често читаме за отровни луѓе и како не треба да им дозволуваме да ни го трујат животот. И се согласувам со тоа. Но, што кога ние сме таа личност? Зошто секогаш мислиме дека проблемот е во другите и дека другите се отровни, кога сосема е возможно (и веројатно) и дека ние понекогаш сме такви и дека луѓето околу нас нè трпат и имаат трпение затоа што нè сакаат и имаат разбирање дека поминуваме низ тежок период. 

Едно е да откачиш некој што те малтретира, навредува, кој постојано се труди да те омаловажува, но сосема друго е да откачиш некој близок само затоа што поминува низ лош период и потребна му е поддршка и трпение. Станавме бесчувствителни затоа што сега тоа е мода. Сите споделуваат такви цитати на Инстаграм и Фејсбук. Сите се во фазон дека ништо не ги допира, дека не можат да поднесат луѓе, дека се анти-социјални затоа што другите луѓе се идиоти. 

И секогаш другите некако не ги бива, а ние седиме недопирливи на нашиот трон со нашата замислена круна на глава. 

И сè е тоа океј, ама не мислите дека е малку заморно и напорно? И дека на тој пиедестал на кој самите се ставаме на крај станува многу осамено? 

Не е кул да бидеш мизантроп и да ги мразиш луѓето затоа што тоа носи лајкови и некаква замислена популарност. 

Треба да разграничиме што е здрава грижа за себе и својата благосостојба, а што е отровна себичност и напумпано его, кои всушност воопшто не преставуваат грижа за себе затоа што не ни дозволува да имаме здрави односи со другите луѓе. 

Луѓето што ги сакаме се дел од нашиот живот. Речиси секој од нив во некој момент од животот ќе нè повреди, а и ние ќе ги повредиме нив. Но, сè додека заеднички се развиваме и растеме и ги признаваме тие работи, сè додека заедничката љубов и поврзаност ни е поважна од суетата и егото, тие пречки ќе се надминуваат. 

Не може да очекуваме дека кога сакаме ќе влегуваме и излегуваме од животите на луѓето под некакви изговори дека посветуваме време на себе и истовремено целосно да ги занемаруваме потребите на другите, а да се лутиме кога другите ќе го прават истото. 

Не знам кога стана мода да не ти е гајле за никого и ништо, па ни за себе, ама оваа мода веќе ми е напорна и се надевам дека што побрзо ќе си замине.