Кога простувате, вие давате слобода и на себе, но и на другите да бидат она што се...

Да се сакате себеси е чин на исцелување и слобода, па затоа, за да можеме да живееме слободно и неоптеретено, мораме да го потопиме своето его и своето срце да го измиеме во морето на љубовта. Мораме да се прифатиме себеси баш онакви какви што сме. Сè додека не му дадеме љубов на своето повредено, исплашено и несакано ЈАС, секогаш ќе бидеме несигурни и со недоверба да гледаме на животот. Секогаш ќе се чувствуваме како жртви на животот и ќе мислиме дека сите сакаат да нè искористат и повредат и од таа повреденост ги црпиме причините за трајно незадоволство и осудување на другите. 

Еден од најлесните, најефективните начини да се прифатиме себеси е да застанеме пред огледало, да се погледнеме длабоко во очи и да почнеме да повторуваме, на глас или во себе: „Те сакам и те прифаќам баш каков што си сега“, сè додека нашето битие навистина не го почувствува тоа, сè додека таа изјава не стане наша внатрешна вистина која доаѓа искрено од срцето. Повторувајте го тоа сè додека од сликата која ја имате за себе не исчезне секоја осуда, префрлување, замерка која ја имате за себе. Ако во процесот на изговарање на овие зборови почувствувате дека не можете да се прифатите затоа што во минатото сте биле вакви или онакви или сте направиле нешто со кое сте повредиле некој друг, најдобро е во тој момент да си простите самите на себе. 

Простувањето е чудотворен лек и мелем со кој љубота ги лечи раните и нè ослободува од товарот на минатото, водејќи нè во нашето природно време – СЕГА. Простете си така што вашите грешки ќе ги гледате како такви, а потоа само ќе научите од нив, сфаќајќи дека тие биле последица на минатото незнаење и дека тие веќе не се дел од она што вие сте денес. Наместо да си префрлувате и од своите грешки да создавате непријатели кои ве прогонуваат и од кои цел живот бегате, гледајте ги како учители кои биле тука за да ви покажат што е правилно. 

Не е важно што сте биле. Минатите дела не ве обликуваат ако од нив сте извлекле поука. Минатото ги обликува само оние кои го повторуваат. Но, вие во секој момент сте чисти, свежи и во секој момент имате можност да бидете слободни. Љубовта никогаш не ве осудува. 

Дури откако ќе си простите самите на себеси и целосно се прифатите, можете да направите чекор понатаму и да им простите и на другите луѓе кои ве повредиле и да оздравите од вашето минато. Простувањето и помирувањето е прекрасен и ослободувачки чин кој носи олеснување и длабок внатрешен мир. 

Тој ги чисти и ги пери сите наталожени слоелви лутина, горчина, омраза и замерувања кои сте ги држеле во себе и кои ве мачеле, опседнувале и ве држеле заробеништво на вашата повреденост. Кога простувате, вие давате слобода и на себеси, но и на другите да бидат она што се.