Кога престанавме да го сакаме Скопје?

Живееме во убав град. На есен, доаѓа мирисот на печените пиперки за ајвар, џагорот на децата кои итаат за на училиште, зајдисонцето добива поинакви бои. Жолтите лисја се насекаде околу нас, а есенскиот дожд би требало да биде романтичен. 

Но, не е. Кога ќе заврне дожд, последно нешто на што ни текнува е романтиката. Влегуваме во автомобил и заглавуваме во сообраќај понекогаш и со часови. Се чудиме колку лошо возат другите во Скопје и брзајќи некаде, од преголемите вирови плискаме со вода некој од минувачите на тротоарите.

Веќе не го ни забележуваме мирисот на ајвар, се гушиме во мирисите од дизел автомобилите, дивите депонии и мирисот на загадувањето во Скопје. Ја чекаме зимата за повторно да се потсетуваме на тоа дека сме таму најгоре на листата на најзагадени градови во светот. Понекогаш не правиме ништо, понекогаш правиме многу, но не престануваме да зборуваме за тоа колку е лошо Скопје. Не го сакаме веќе како што го сакавме порано или како што го сакаа нашите родители и дедовци и баби.

Како да не ја заслужуваме Матка, Водно, кејот на Вардар, како да не го заслужуваме градскиот парк. 

Зборуваме за некаква одговорност на локалните власти, за другите луѓе, и иако Скопје е презагадено и валкано, сепак е преплавено од ѓубре – отпад кои ние самите го правиме и фрламе насекаде, од автомобил, од прозор, насекаде. Секогаш другите се виновни, секогаш некој друг треба да направи нешто. Ние не.

Не уживаме во Скопје веќе на истиот начин. Не ни се магични есенските прошетки, не го сакаме дождот, не ги сакаме властите, не ги сакаме соседите, можеби се сакаме самите себеси (а можеби и не).

Магијата на Скопје не ја прави градоначалникот и неговите советници. Ја правиме ние. Ја прават скопските графити, градските кафеани, мирисот на топли костени, лисјата на Партизанска. 

Заслужено или не, полека како да го губиме вистинското Скопје, а ништо не правиме за тоа.