Многу често ни доаѓа преку глава од сè, зарем не?
Особено годинава. Колку пати ви дојде преку глава од работите што се случуваат, па имавте желба само да седите и да гледате во телевизорот или во телефонот?
Јас постојано го имав ова чувство.
Нема ништо полошо од тоа кога на човек ќе му стане сеедно и кога ќе ја изгуби својата инспирација и страст. Нема ништо полошо од тоа кога на човек ќе почне да го губи сјајот во очите.
А тоа на сите ни се случува.
И кога ќе забележиме дека сè помалку се радуваме и се смееме, особено на она на кое претходно сме му се радувале, мора да преземеме нешто.
Да најдеме начин одново да ги гледаме работите со среќни очи.
Не, ова воопшто не е лесно, знам дека читате и си велите: „Лесно е да се каже, тешко е да се стори“. Го знам тоа. Дури и самата јас се трудам да го применувам ова и не оди секогаш.
Но, потоа, ќе се сетам на луѓето кои ги сакам, на работите кои ги сакам. И земам длабоко здив и решавам дека нема да дозволам ниту ковид-19, ниту целиот овој хаос да ме спречат да бидам среќна.
Кога на човек му е сеедно и нема ниту инспирација, ниту страст, треба да најде некое место само за себе, тивко, интимно, свое, место кое никој нема да го знае и никој нема да му пречи. Таму треба да ги затвори очите и длабоко да дише. И во тишината да се обиде да се сети на работите кои некогаш ги сакал и го правеле среќен.
И кога ќе се вратат тие слики (а ќе се вратат), следно е да донесе одлука. Да донесе одлука дека тоа чувство на среќа мора да се врати назад, дека мора да се врати назад искрата во неговите очи. И оттаму да почне да презема мали и секојдневни чекори за остварување на тоа.
Ништо спектакуларно, само едноставно и секојдневно. И така, малку по малку, чекор по чекор, насмевката повторно ќе се врати и ќе биде дел од секојдневието, чекорот ќе биде полесен, а животот ќе биде полн со бои и страст.
Осмелете се, бидете повторно насмеани и среќни! Можете!