Кога мама и тато се разведоа: Славиш два пати роденден, одиш два пати на одмор, имаш две семејства, а пак си осамен

Разводите земаат се поголем замав. Во минатото било реткост, да постојат такви семејства, но денеска речиси секое второ семејство е такво.

Во минатото, доволно е само да се навратите во училишните денови, во вашето одделение имаше по едно, или најмногу две деца кои се на разведени родители. Денеска половина од одделението е такво.

Во минатото разводите биле табу тема и тоа било срамно. Но, денеска повеќе не е.

Никола, сега веќе има 28 години. Неговите родители, се разведени од кога тој имал само 10 години. Вели, на почетокот и не му било нешто многу јасно, за што станува збор, се надевал дека еден ден се ќе биде како порано, но залудно. Почнал да се навикнува на состојбата во која што се нашол. Како што вели, живеев живот поразличен од моите другари.

-Додека сите славеа еден роденден, јас славев два. Имав две торти. Два пати добивав подароци. Додека сите одеа по еднаш на летување или на зимување, јас одев два пати. Кога се тргнуваше за на училиште, јас добивав по два пара патики и два ранци. Другарите ми завидуваа. Бев збунет. Моите родители се натпреваруваа кој повеќе да го задржи моето внимание. Дали мајка ми, или татко ми. Се натпреваруваа и бабите и дедовците. Првин се ожени татко ми, со друга жена. Правевме свадба, се беше како на филм, а јас бев изгубен. После за брзо ми се роди полусестра. За некоја година се омажи и мајка ми. Таму немаше свадба, но добив уште една сестра. Одеднаш јас имав две семејства, а јас се чувствував како никаде да не припаѓам. И кај мајка ми и кај татко ми си имав своја соба, но немав постојан дом. Еден ден таму, еден ден ваму. Убаво изгледа само од страна. Јас знам колку беше убаво... Не дека не ме сакаа, не го велам тоа, но јас од внатре не се чувствував убаво. Некако чувствував дека ме гледаат материјално. Кога нешто немаше да оди како што треба, еве ти Никола пари, потроши ги каде сакаш, се сеќава и раскажува тој.

Никола сега е возрасен. Дипломиран економист, кој работи во фирмата на татко му. Живее под кирија со својата девојка. Во план е да си купи сопствен стан и да си го среди животот.

-Никогаш не се вели никогаш, но јас ќе се потрудам да бидам добар родител, да им дадам љубов на моите деца, а не материјалност. На мене ми фалеше љубов, а не пари. А верувајте, само тој кој почувствувал на свој грб, знае како е кога ќе ти недостасува родителска љубов. Боли многу повеќе, отколку да ти недостасуваат финансии, додава Никола.