Кога луѓето ќе ти кажат: Лесно ти е на тебе, ти имаш сѐ...

Само вие знаете што носите во себе. Она што другите мислат дека за вас е лесно постоење, за вас е тешко. Проголтавте многу тешки работи. Ја проголтавте сета болка, разделби, несреќни моменти, очај, смрт, загуби. Си ја проголтавте и сопствената несреќа. Го вкусивте тој вкус на  горчина и бевте она што единствено знаевте да бидете: Херои на сопствените животи. Затоа што жртва може да биде секој. 

И сите ви завидуваат. Постојано слушате: „Алал да ти е.“ А за што? За животот кој самите сте го изградиле? За карактерот кој самите сте го формирале? За цврстите ставови? За тоа што сте непоколебливи? Затоа што цврсто одите по вашиот пат и покрај сѐ? Затоа што не се предадовте? Затоа што моравте да продолжите понатаму? Затоа што надминавте и болести и болки? 

Затоа што отворате очи и кога не ви се отвораат. Затоа што носите насмевка на лицето. Затоа што немате, а сепак давате. Ви завидуваат. Кажете ми за што тоа ви завидуваат. Или тие нека кажат.  

Никој не се запраша како ви беше кога го допревте дното. Никој не ги виде вашите солзи, ниту го слушна плачењето. Никој не ве праша дали имате време за преболување. Дали бевте подготвени нагло да созреете. Никој не ве праша што е тоа страв. Кога останавте сами со децата, никој не ве праша како е да се биде самохран родител. Кога изгубивте родител, никој не ве праша чие дете сте вие. Кога моравте да работите неколку работи за да му обезбедите храна на семејството, никој не ве праша кога ви завршува денот и кога почнува вашето време. Кога бевте безнадежни, никој не ве праша што е животот за вас. Кога ве исмејуваа за тежната, парите или други работи, никој не ве праша како е тој човек што живее во вас.

И сега се тука. Кога конечно успеавте во нешто. Кога постигнавте успех. Кога ги исполнивте своите цели. Кога ќе ве видат насмеани и среќни. Кога делувате самоуверено. Кога сте убави. Кога сакате. Кога сте сакани. Кога ве препознаваат. Кога ве ценат. Е сега се тука. 

И тоа не за да ве прашаат како го направивте тоа, туку само за да ви кажат: „Лесно ти е на тебе, ти имаш сѐ.“

А тоа сѐ мораше да го градите од нула, со своите две  раце и ништо друго.