Кога ќе завршат тужењата меѓу роднините, ќе продолжи изградбата на мостот во Аеродром

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска кажа дека мостот „Михајло Апостолски“ ќе биде дограден кога ќе завршат имотно-правните спорови кои ги водат граѓаните.

- Завршивме голем дел од објектите кои беа за експропријација. Таму проблемот е што имотно-правните односи не се само во експропријација, туку има и голем дел од правните спорови кои ги водат роднини и пријатели. Се надеваме дека во краток период ќе бидат завршени, кажа Арсовска.

Додека не заврши процесот на експропријација, жителите нема да добијат скратен пат, односно мост меѓу општина Гази Баба и општина Аеродром.

Проектот е во трета фаза од реализацијата, а мостот во моментов води кон приватните дворови на жителите во Ќерамидница.