Кога ќе ви се налути некој близок, сетете се на оваа приказна

Си биле еднаш двајца браќа кои живееле на две соседни ниви и еднаш се скарале. Тоа била првата сериозна кавга во текот на четириесет години, колку што живееле еден до друг, делејќи ги алатите, помагајќи си еден на друг. А потоа таа хармонија била нарушена. Сè започнало од едно мало недоразбирање кое прераснало во огромна кавга и груби зборови по кои следеле недели поминати во тишина. 

Едно утро, некој тропнал на вратата на едниот брат. Ја отворил вратата и видел човек со столарски алати. 

Човекот рекол: „Барам работа. Можеби тука на твојата нива би можел да најдеш некоја работа за мене?“ 

Постариот брат рекол: „Да. Знам што би можел да направиш за мене. Ја гледаш онаа куќата од другата страна на потокот? Тука живее мојот сосед, всушност, мојот помлад брат. Минатата недела меѓу нас имаше ливада, но тој нешто копаше и сега помеѓу нас има поток. Тоа го направи за да ми наштети, но јас ќе му вратам. Го гледаш она место покрај шталата? Сакам да ми направиш ограда од два метри за повеќе да не го гледам ниту него, ниту неговата куќа.“ 

Столарот рекол: „Сè ми е јасно. Дај ми материјал и ќе видиш како прекрасно ќе го направам тоа.“ Постариот брат отишол до соседниот град, купил материјал и му ги дал потребните работи на столарот и си заминал. Столарот цел ден вредно работел, мерел... Кога се вратил постариот брат, столарот ја завршил работата, а тој останал вчодоневиден. Воопшто немало ограда. Тој направил мост кој ги спојувал двете страни од потокот.

Мостот бил прекрасен, а од другата страна го видел брат му како му се приближува со широко раширени раце. Тој му рекол на постариот брат: „Навистина си прекрасен човек кога направил мост после сите оние работи што ти ги кажав и направив.“

Браќата стоеле секој на својата страна од мостот, па полека си дошле во пресрет, среќавајќи се на средина на мостот. Го виделе столарот како си ја зема својата кутија и тргнува да си оди. 

Постариот брат рекол: „Еј! Чекај! Остани неколку денови кај нас, има уште многу работи кои можеш да ги направиш!“

Човекот рекол: „Со задоволство би останал, но морам да создадам уште многу вакви мостови.“