Кога ќе си отиде едно дете, згрижувам друго за да не плачам, вели скопјанката Лејла која згрижила 25 деца

Првото дете кое го згрижила била Бајрамша. Имала само 7 месеци и оттогаш живее со семејството Шабанови бидејќи е со пречки во развојот и никој не сакал да ја посвои, пренесува СДК.

„Бајрамша беше оставена од родителите во една соба. По пријава на комшии социјалните работници ја најдоа дури по десет дена. Детето не беше јадено, во устата ѝ најдоа отпушоци од цигари кои ги имало во собата, нив ги јадела. Кога ја земав во рацете беше толку слаба и беспомошна. За неколку месеци лекарите константираа дека е со пречки во развојот и никој не сакаше да ја посвои. Јас и мојот сопруг не ја дадовме во дом или институција. Еве сега има 12 години и таа е дел од нашето семејство“, вели Лејла.

Бајрамша до пред неколку месеци немала документи, односно извод од матичната книга на родените, па целата здравствена грижа за неа Лејла ја плаќа приватно.

„Имавме можност да се преселиме во Австрија, но бидејќи Бајрамша немаше документи, не отидовме. Ако не можам да ја земам со мене, тогаш не одам ни јас, не ја оставам“, вели Лејла.

Семејството Шабанови сега чува две дечиња, 10-месечната Медина и двегодишниот Исак, брат и сестра, кои мајката ги оставила во Центарот за социјални работи оти немала услови да ги чува.

Лејла живее во скопско Трубарево, децата спијат во собата која Лејла ја опремила со сите потребни реквизити за мали деца. Има две бебешки креветчиња оти се случува истовремено да чува две бебиња. Бајрамша ни ги покажа количките, проодувалка, храналка и играчките со кои си играат бебињата.

„Само два и пол месеци се со мене. Беше толку мала и слаба кога прв ја видов, сега видете ја, права женска е. Родителите пред неколку дена побарале во Ценатрот да си ги земат децата. Динка не се дели од мене, дури почна да ме вика мама, иако јас ѝ велам како и на сите дечиња да ме викаат дада, но не, тие ме викаат мама“, вели Лејла.

Секоја разделба со децата за Лејла е тешка, посебно со оние кои подолго време се згрижени кај неа. Најтешка досега била разделбата со Блендим кој го чувала 2 години, го добила од Центарот кога имал само 6 месеци и потоа бил посвоен.

Сега кога ќе заминат Медина и Исак ќе плачам додека не згрижам ново дете. Затоа, веднаш откако ќе замине едно дете одам во Центарот и им велат да ми дадат друго. Ќе се посветам во неговото чување и негување и нема да мислам. Нема да мислам дали Исак е пресоблечен, дали Медина е нахранета. Дали им е ладно во зима, дали имаат сè што им потребно“, вели Лејла.

Меѓу децата кои живееле со семејството Шабанови имало и жртви на семејно насилство. Лејла неколку месеци чувала две сестрички кои нивната мајка ги оставила под кола и биле во тешка здравствана состојба кога ги нашле. Не може да ги заборави тројцата братчиња Александар, Кико и Никола кои ѝ раскажувале како нивниот татко ја тепал мајка им, а нив ги терал да одат по згради да питачат.