Кога ќе се засакаш себеси...

Кога еднаш, конечно, ќе се засакаш себеси, повеќе нема да имаш проблеми со вишокот килограми. Кога ќе се засакаш себеси ќе уживаш во храната, повеќе нема да натрупуваш сѐ и сешто во себе, нема ни да го сакаш тоа.

Запомни, драг читателу, твоето тело не е канта за ѓубре, твоето тело е дом на вистинскиот и прекрасен ти. А вистинскиот зрачи со љубов, неизмерна божествена љубов. Кога конечно ќе се прифатиш себеси, затоа што си совршен таков каков што си, ти повеќе нема да имаш потреба да се уништуваш себеси. Всушност нема да имаш потреба утехата да ја бараш во која било штетна активност.

Можеби алкохолот, дрогата или нешто друго се твоја деструктивна утеха, но запомни, тие нема да ти дадат љубов и среќа. И тоа краткотрајно олеснување кое ти го даваат набргу ќе исчезне, а ти ќе посегнеш за повеќе и ќе сакаш да се уништиш. Разбуди се од тој пекол!

Решението е толку убаво и божествено. Решението е во тебе! Соочи се со своите стравови, а потоа отфрли ги. Соочи се со сите болки, а потоа прости, прости си на себе и на другите (не заради нив, туку заради себе). Засакај се себеси и твојот свет ќе те засака.

Давај и шири љубов, ти подобро ќе се чувствуваш, а со самото тоа и сите околу тебе ќе бидат посреќни. Не е важно ако си болен, невработен, јаден, отфрлен, депресивен и исплашен... не е важно, само почни да сакаш. Насмевни се, макар и на сила, сети се на нешто убаво, на нешто смешно и смеј се, само смеј се. Имај само убави мисли и твојот свет ќе се промени, твојот живот повторно ќе почне да сјае. Што имаш да изгубиш? Да видиме: можеби тагата и болката? Значи можеш само да добиеш! И немој веднаш да се откажеш, мораш да ја задржиш насмевката на своето прекрасно и совршено лице. Мораш да се смејеш, да шириш љубов, затоа што ти си создаден од љубов, а сите останати грижи ќе ја изгубат својата моќ!

И да, немој да престанеш да се сакаш! Ти, да баш ти, си роден за да сјаеш!

Сакај го светот и луѓето околу тебе и истото ќе ти се врати!