Кога ќе се случи трагедија, сите одеднаш стануваме експерти за туѓите животи

Во деновите по една ваква трагедија, јавниот простор се исполнува со зборови. Секој има објаснување, секој има став, секој знае што требало да се направи и кој требало порано да реагира.

Photo by Matheus Bertelli

Во изминатите денови јавноста во Македонија беше потресена од трагичната вест за смртта на Ивана и нејзиното дете. Случајот се случи во скопската населба Тафталиџе, каде според информациите објавени од медиумите, мајка и дете го загубија животот по пад од станбена зграда. Полицијата и обвинителството започнаа истрага за околностите на настанот, додека јавноста се обидува да разбере што се случило. Во меѓувреме, на социјалните мрежи започнаа бројни реакции, коментари и објаснувања, во кои многумина се обидуваат да ја реконструираат приказната и да дадат одговори за нешто што сè уште не е целосно разјаснето.

Кога ќе се случи трагедија, јавниот простор одеднаш се исполнува со зборови. Секој има објаснување, секој има став, секој знае што требало да се направи и кој требало порано да реагира. Одеднаш сите зборуваме со сигурност, како да ја знаеме вистината, како да сме го разбрале целиот контекст. Во такви моменти, често изгледа како целото општество да се претвора во круг на експерти за туѓи животи. Анализираме, пресудуваме и објаснуваме како некој требало да постапи, како некој требало порано да замине, како некој требало поинаку да се заштити. Но вистината е дека овие наши изјави зад тастатурата доаѓаат дури кога веќе е предоцна.

Во тие моменти се појавуваат и различни јавни реакции. Познат доктор објаснува што тој би направил да бил брат на жената и уверено кажува дека би постапил поинаку, тој поинаку би ја „решил“ ситуацијата. Политичари реагираат со формални гестови, со моќни, но празни изјави, па  така слушаме дека министер ќе испрати телеграма до полициските службеници, како тоа да е начин да се одговори на една трагедија која веќе се случила. Луѓе од сите страни на јавниот простор кажуваат дека, да биле тие во истата ситуација, тие би реагирале поинаку, би постапиле похрабро, би направиле нешто што другите не го направиле. По трагедијата, сите имаме одговори и сите сме сигурни што требало да се случи.

Photo by VAZHNIK

Но вистината е дека никој од нас не знае што навистина се случувало меѓу четири ѕида. Никој не знае како изгледаат моментите живеени во дом во кој стравот постепено станува секојдневие. Никој не знае колку долги можат да бидат деновите кога една жена живее со понижување, со притисок, со чувство дека секој чекор може да предизвика нов конфликт. Насилството многу ретко изгледа како една драматична сцена што сите ја препознаваат и за која сите се експерти. Многу почесто, тоа се случува во повторливи, тивки ситуации кои полека ја уништуваат сигурноста на жената и го претвораат молкот во начин на преживување.

Истовремено, никој не знае уште колку жени живеат вакви животи. Никој од нас не знае точно колку жени не живеат со физичко, видливо и гласно насилство, туку со тивко, психичко насилство кое исто така убива, полека но сигурно.  И, колку од нив се обиделе да побараат помош, но биле обесхрабрени, убедени да молчат или притиснати да ја повлечат пријавата. Колку од нив постепено се оддалечиле од сопственото семејство, од пријателите, од луѓето кои би можеле да им бидат поддршка. Во многу случаи, насилството не се одвива само во рамките на еден брак или една врска. Тоа е дел од поширок систем на притисок, срам и молк, во кој жртвата често останува сама со својата реалност.

Во меѓувреме, додека насилството уште трае и  пред да биде предоцна, додека некоја жена се обидува да зборува или да побара помош, јавниот тон често изгледа поинаку. Тогаш коментарите под објавите се исполнети со осуди. „Така ѝ требало“, „сама си го избрала“, „зошто не си заминала порано“. Наместо разбирање, добива сомнеж. Наместо поддршка, добива судење. Тој јавен говор, кој подоцна се претвора во колективна тага по трагедијата, многу често претходно бил дел од атмосферата што ги оттурнува луѓето во уште подлабока тишина.

Затоа, по една ваква трагедија, најмалку ни треба натпревар во тоа кој ќе каже посилна изјава. Она што навистина ни треба е искреност да признаеме колку малку знаеме и колку често општеството гледа настрана додека насилството се случува зад затворени врати. Трагедиите не се појавуваат одеднаш и не се создаваат во еден ден.

Тие се резултат на долг период на молк, игнорирање и систем кој многу често реагира дури кога веќе е предоцна. Во тој момент, сите зборови звучат силно, но за оние што ги изгубиле животите тие доаѓаат со задоцнување кое ништо не може да го поправи.