Кога ќе кажат дека ќе најдеш некој подобар

Што значи кога ќе кажат: „Ќе најдеш некој подобар“? Ова е фраза која често ја имам слушано низ текот на животот. Дали тоа значи дека целото време кое сме го поминале заедно ќе биде заборавено во иднина?

Сите наши прегратки, бакнежи, насмевки и желби, дали сите тие ќе станат спомени на кои не можам да се сетам? Сите ноќи и денови поминати во гушкање, дали воопшто ќе можам да се сетам на нив? Дали тоа значи дека ќе најдам некој друг како мене и дека нам никогаш не ни било судено? 

Иако, да бидам фер, знам дека го кажуваат тоа затоа што се грижат. Го велат тоа за да се чувствувам подобро. Ние двајца заедно бевме хаотични и знам дека и ти го кажа тоа, како и сите други, во интерес на тоа да се разделиме пријателски и за побезболно да се заврши целата работа. И без да знаеш што да кажеш пред да си отидеш, мислеше дека тоа е само уште една безболна фраза. Го кажа тоа за да бидеш фин, да не делуваш ладен. 

Но, она што ти не го разбираш, а ни останатите кои ми ја кажуваат оваа фраза е дека истата ме збунува. Дали ти не беше доволно вреден за да те запознаам? Дали моите стандарди беа премногу ниски? Дали моите чувства за тебе се само илузија? Дали заслужувам повеќе отколку она што ти имаше да го понудиш? Дали бев смотана шо мислев дека си неверојатен? Дали воопшто требаше во тој случај да почнам нешто со тебе? 

Јас навистина имав добра врска со тебе и бев заљубена. Ти ме правеше среќна и постојано бев насмеана. Ти знаеше како да ја избришеш секоја грижа од мојата глава. Доволно беше да те погледнам и денот веднаш ми стануваше подобар. Но, знам и свесна сум дека на нашата врска и дојде крајот. Но, попрво би останала сама со месеци, па и години, отколку да се преправам дека јас и ти никогаш не сме постоеле и дека ти не си бил добар за мене. Ти беше совршен за мене, само едноставно не ни успеа врската. 

Можеби со текот на времето навистина ќе најдам некој друг со кого ќе бидам среќна. Можеби дури и ќе најдам некој подобар, тоа никој не го одрекнува. Но, не сакам да се тешам со зборови дека ќе најдам подобар, затоа што ти во тој период од животот беше најдобар за мене, исто како што и тој што ќе дојде после тебе ќе биде најдобар (привремено или засекогаш, ќе видиме). 

За мене најдобрите луѓе се оние ме прават среќна. Не луѓе кои се совршени на хартија и кои имаат ова или она. И ти мене ме правеше среќна, најсреќна. И тоа е сè што можам да побарам од овој живот и од љубовта, без оглед на тоа како завршила.