Кога губиме миленик, губиме голем дел од себе

 

Кога губиме миленик, губиме дел од нас што не може да се објасни со логика. 

Тоа е дел што е значаен дел од нашето секојдневие: во звукот на нивните ноџиња на паркетот кои трчаат по тебе, во навиката да ни го следат секое движење дури и кога им велиме дека се досадни, во присуството што не бара зборови. Милениците не поминуваат низ нашиот живот како луѓето. Тие не поставуваат услови, не се двоумат, не ги мерат нашите недостатоци. Тие љубат целосно и го прават тоа со упорна нежност што ретко кој човек може да ја понуди. Поради тоа нивното заминување не е само крај на еден живот, туку тежок рез во нешто многу подлабоко, во чувството дека постои некој што нè гледал без да бара објаснување.

Губењето миленик боли затоа што тие се оние што ја чувствуваат нашата тага дури и кога ја криеме од  другите, па дури и од себе. Тие се оние што сакаат да скокнат во кревет и да се згмечат до нас, не затоа што им е ладно или затоа што сакат нешто, туку затоа што знаат што значи таа топлина кога се залешени до нас. Тие се со нас во тишините што не бараат превод, во моментите кога седиме до нив мислејќи дека нема ништо друго што ни треба од светот. Кога еден таков ритам исчезнува, не исчезнува само телото на животното. Исчезнува дел од домот. Дел од навиката да имаме нешто толку чисто и непретенциозно во животот. Дел од сигурноста дека постои барем едно суштество што секогаш ќе знае кога не сме добро.

Многумина нема да го разберат тоа. Но, тоа не е нивна вина. Тие што никогаш не почувствувале љубов што е толку силна и безусловна едноставно немаат начин да ја разберат ваквата загуба. Човечката љубов, колку и да е убава, скоро секогаш доаѓа со услови. Ќе останам ако... ќе те разберам ако... ќе те сакам ако... Тоа „ако“ е присутно во секоја човечка врска. Милениците не знаат  за „ако“. Тие љубат со чистота што не поставува прашања и не прави пресметки. За нив, ние сме центар на вселената, и таа безусловност нè обликува. Нè прави понежни, поприсутни, помалку цинични. Со нив, за првпат во животот можеби дознаваме што значи да бидеме сакани без такви услови. .

Затоа кога умираат, не губиме само миленик. Губиме едно огледало во кое сме се гледале подобри отколку што мислиме дека сме. Губиме дел од стабилноста што ни ја давале без да забележиме. Губиме чувство на дом што не може да се купи, научи или замени. Но во таа болка има една последна вистина што останува: дека не сме биле сакани со услови, туку со целина. И дека еднаш во животот сме почувствувале љубов толку чиста што не морала ниту да се објасни, ниту да се оправда. Таа љубов останува кај нас дури и кога тие веќе не се тука. Секогаш ќе ни недостигаат, но знаеме дека постоел некој кој нѐ видел како да сме најдоброто нешто на светот.