Медитацијата не е егзотична навика резервирана за тивки планински храмови.
Photo by Andrea Piacquadio
Таа е алатка што секој од нас може да ја користи – без разлика дали живееме во метежен град, имаме бурно секојдневие или никогаш досега не сме седнале во тишина со самите себе. Но кога е најдобро време за медитација? И како се почнува ако сè уште не знаеме „како се медитира“?
Најдобро време: кога умот бара простор
Иако не постои едно „вистинско“ време за медитација, утрото и вечерта се два од најповолните моменти.
Утринската медитација помага да го започнеш денот со јасност и смиреност, пред уште да те повлечат обврските и грижите. Вечерната, пак, е прекрасен начин да го ослободиш телото и умот од сè што си носел/а низ денот – како нежен ритуал пред спиење.
Како да започнеш: едноставно, без притисок
Ако никогаш не си медитирал/а, не се плаши од процесот. Не треба да „го исклучиш“ умот – доволно е да му дадеш простор. Почни со 2 до 5 минути дневно. Седи удобно (не мора на под), затвори очи, и само следи го здивот. Вдиши длабоко… издиши нежно… и секогаш кога умот ќе отиде некаде, само врати го назад кон здивот. Тоа е сè.
Photo by Lucas Pezeta
Медитацијата не мора да изгледа совршено
Можеш да користиш водени медитации (има бесплатни апликации или видеа на YouTube), или да се прошеташ во тишина без слушалки – тоа исто така може да биде форма на медитација. Поентата не е да бидеш „совршено смирен/а“, туку да бидеш свесен/свесна за себе, барем неколку минути дневно.
Зошто вреди?
Медитацијата не ги брише проблемите, но ти дава простор да ги гледаш поинаку. Таа носи јасност, подобра концентрација, помалку анксиозност и длабоко чувство на присутност. Како секој ритуал, колку почесто го правиш, толку повеќе растеш низ него.