Коцката го оставила на улица, ова е животна приказна на бездомникот Таир Даут

Даут Таир е 60-годишен бездомник, кој од 2010 година талкал низ скопските улици, барајќи начин како повторно да си го врати нормалниот живот, што го изгубил поради неговата зависност од „коцка“.

Сепак, неговата волја му донела среќа, бидејќи тој сега повремено работи како фризер во пунктот на Црвен крст на Република Македонија, во населбата „Момин поток“. Даут вели дека немал друг избор освен сам да најде решение за својата судбина.

„Бездомник станав поради моите пороци“, почна да ни раскажува Даут.

Бил сопственик на фирма и, како што самиот вели, заработувал многу пари во времето на Анте Марковиќ. Возел „опел калибра“, кога многумина видни луѓе уште возеле „фиќовци“. Во еден ден в раце имал и по 8.000 долари, а знаел и да загуби по 100 илјади долари во еден ден. Имал скапа облека, одел во ресторани, хотели, казина, имал убави жени...

„Едно време имав пари, си имав работа, но преку ноќ тоа го снема.Ова може секој да го снајде, не само мене. Дури и најбогатите и најмоќните луѓе може да станат бездомници. Порокот е многу лоша работа, мене ме снајде со коцката, се излажав како секој жив човек и одеднаш паднав. Немаше спас“, вели Даут.

Со фризерството се запознал кога дошол во пунктот на Црвен крст, каде му била понудена посета на одреден курс. Тој веднаш сакал да се вклучи, бидејќи како што вели „во себе има елан да заработува чесно“.

По шест месеци курс и позитивни оценки, на крај се здобил со сертификат за фризер. Но, во „реалниот живот“ вели, има завршено средно и висока технолошка школа.

Со помош на Црвениот крст гаражата во која живее е изѕидана, и и ма можност да се грее.

Сега тој ги советува младите луѓе да стојат што подалеку од пороците. Покрај тоа, се надева дека свеста кај граѓаните ќе се подобри и ќе им помогнат на останатите како него. Тој се надева дека еден ден ќе има прилика да се сретне со својата споруга и двете ќерки на кои ќе им објасни што се се` случувало.

Во пунктот на Црвен крст, дневно доаѓаат десетици бездомни луѓе, каде може да се избањаат, им се дава оброк и гардероба. Но, за време на екстремни температури, има и објект каде тие може да преноќат. Сепак, има простор само за 32 бездомници.