Скопје секојдневно го менува својот лик како резултат на големиот број инфраструктурни проекти кои што Градот Скопје ги реализира во сите десет општини. Во овој момент интензивно се работи на изградба на нови водоводни, канализациски и атмосферски мрежи, се прошируваат булевари и се градат кружни текови. Вакво темпо на работа ќе продолжи и во 2017 година.
За најважните проекти и за плановите во иднина, за прашања поврзани со животната средина, парковите, електромобилноста, образованието и многу други теми во мега интервју разговараме со Коце Трајановски - градоначалник на градот Скопје.
Скопје Инфо: За оваа година најавивте голема градежна офанзива во сите десет скопски општини. На кои инфраструктурни проекти работи Градот Скопје оваа пролет?
Во однос на крупните инфраструктурни зафати од кои голем дел се на барање на граѓаните, очекувам оваа 2016 година да биде подеднакво успешна како и минатата 2015 година. Нашите екипи работат во сите десет скопски општини, градиме нови водоводни, канализациски и атмосферски мрежи, се прошируваат улици и булевари, се градат кружни текови и фискултурни сали, се реконструираат велосипедски патеки и мостови...
Можам да кажам дека изградбата на кружниот тек на улицата 16.Македонска бригада, во Автокоманда, полека влегува во завршна фаза. Нашите екипи работат и на проширување на булеварот Партизански одреди, на потегот од кружниот тек кај Порта Влае до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“; се проширува булеварот АСНОМ, вториот дел од булеварот Трета македонска бригада и третиот дел од булеварот Борис Трајковски; се продолжува булеварот Србија и се пробива булеварот Христијан Тодоровски Карпош во Бутел. Во делот на Чаир, пак, булеварот Христијан Тодоровски Карпош за неколку месеци ќе добие 4 сообраќајни ленти; се проширува улицата Маџари, а се градат и велосипедските патеки од Рутата 2, од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“.
Градежниците работат и на реконструкција на плоштадот „Пресвета Богородица“, се гради фискултурната сала во АСУЦ „Боро Петрушевски“, се санира надворешната површина на мостот „Гоце Делчев“, се гради водовод за населбата Шуто Оризари, се гради фекален колектор на булеварот Видое Смилевски Бато, а се реконструира и водоводната мрежа на улицата Ѓорѓи Капчев, во Лисиче.
Oвие проекти ќе решат голем број проблеми со кои со години се соочуваат граѓаните.
Скопје Инфо: Какви проекти подготвува Градот Скопје за во периодот што следува?
За 2016 година во план се и други градежни зафати кои својата завршница ќе ја имаат во тековната година или во наредната, 2017 година. Во Градот Скопје деновиве се изработуваат потребните проекти за планираните градежни зафати и се комплетира потребната документација.
Меѓу нив ќе ги издвојам следниве зафати: работиме на проект за решавање на вкрстувањето на булеварот 8.Септември со улицата Скупи, кај Хубо Маркет; се подготвуваме за изградба на атмосферска канализација на улиците Џон Кенеди и Кемал Ататурк, како и за изградба на фекална канализација по должината на булеварот Партизански одреди, на потегот од булеварот 8.Септември до улицата Московска; ќе го продолжиме проектот за пробивање на тесните грла на улицата Борис Сарафов; ќе прошириме дел од улицата Тодор Александров; ќе работиме на проширување на булевар Александар Македонски од „Агросервис“ до клучката „Дијамант“, ќе пробиеме четврта лента на булеварот Никола Карев и други значајни проекти.
Скопје Инфо: Енергетската ефикасност во последниве години станува императив за одржлив развој на градовите и за заштита од климатските промени. Што презема Градот Скопје на ова поле?
Градот Скопје во последниве неколку години активно работи на полето на енергетската ефикасност. Свесни сме за се повисоките трошоци за енергија, важноста на сигурното снабдување со енeргија, како и за предизвиците што се отвораат пред нас како последица од климатските промени. Во таа насока, ќе набројам неколку чекори и проекти на кои Градот Скопје посветено работи веќе неколку години.
Град Скопје ја потпиша Повелбата на градоначалниците во Брисел на 4 мај 2010 година. Таа претставува најамбициозна иницијатива на Европската комисија која директно ги вклучува локалните власти и граѓаните во борбата против глобалното затоплување. Со потпишување на Повелбата, градовите треба да ја намалат емисијата на јаглероддиоксид најмалку 20 проценти. Градот Скопје е член на Мрежата на енергетски ефикасни главни градови во југоисточна Европа. Скопје, заедно со Загреб, Сараево, Подгорица, Тирана и Фрајбург (како град модел) и Германскoто друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), успешно соработуваат за достигнување на целите на Европската Повелба на градоначалници. Во март 2011 година, Градот Скопје отвори и Канцеларија за управување со енергијата и Инфо-центар за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
Успешно го реализиравме проектот за гасификација на 4 средни училишта. Средните училишта на Град Скопје „Георги Димитров“, „Здравко Цветковски“, „Арсени Јовков“ и „Зеф Љуш Марку“ почнаа да се греат на гас. Со замена на течното гориво (масло за домаќинства, мазут) со природен гас се елиминира емисијата на сулфурдиоксид и саѓи, има големо намалување на азотните оксиди и значително намалување на јаглероддиоксидот. Покрај еколошките придобивки, со гасификацијата на четирите средни училишта се добива заштеда во сметките за затоплување во висина од 45 до 50 отсто. Очекуван повраток на целосната инвестицијата е за околу 4 години.
Објектите на средните училишта, на културните институции и бараките на Град Скопје што се приклучени на централниот систем на загревање имаат систем на второстепена регулација, односно економично регулирање на топлинските станици. Тоа значи дека со престанокот на употребата на просториите во сите објекти се врши затворање на системот за загревање. Со тоа е намалена потрошувачката на топлина во објектите, па имаме помали износи на сметките за загревање и заштеда на средства.
Досега над 95 проценти од уличното осветлување со живини светилки е заменето со натриумови енергетски ефикасни светилки. Оваа активност резултира со намалување од 35 до 50 проценти на потрошувачката на електрична енергија.
Работиме и на проект за реконструкција на семафорите и илуминација на фасадите во центарот на градот со ЛЕД светилки. Најголем дел од семафорите на крстосниците се со ЛЕД светилки. ЛЕД светилките имаат приближно 10 пати помала потрошувачка на електрична енергија од конвенционалните.
Скопје Инфо: Активно работите и на воведувањето електромобилност во Скопје. Ве следат ли другите институции и локални самоуправи во оваа намера?
Електромобилноста е неизоставен дел од концептот за енергетска ефикасност. Особено сум горд што Градот Скопје стана првата локална самоуправа во Република Македонија која што набави еден електроавтомобил, 5 електроскутери и 5 електровелосипеди за потребите на градската администрација. Со набавката на овие електрични возила Градот Скопје го направи првиот директен чекор кон електромобилност во Скопје, со примена на нови технологии, движење со нула емисии на штетни издувни гасови, почиста и поздрава животна средина и намалување на трошоците за одржување.
Со овој чекор сакаме да дадеме пример кај другите локални самоуправи, кај институциите и кај граѓаните да ја поддржат електромобилноста и да вложат во електрични возила.
Исто така, во катната гаража „Тодор Александров“, на улицата Даме Груев и во катната гаража „Македонска фаланга“, на улицата Свети Кирил и Методиј, поставивме станици за полнење електрични возила кои може да ги користат сопствениците на електромобили.
На располагање на граѓаните изминатава есен ставивме и седум нови електромобили со ретро дизајн и пет електротротинети за туристичко разгледување на знаменитостите во центарот. Возилата може да се изнајмат на пунктот на ЈП „Градски паркинг” на плоштадот „Македонија“ и за нив има голем интерес. Во 2014 година, пак, промовиравме 5 електромобили и 10 електровелосипеди кои може да ги изнајмуваат граѓаните.
Чекор по чекор, Градот Скопје сигурно се движи кон иднина во која доминира електромобилноста.
Скопје Инфо: Какви се искуствата од воведувањето адаптивна контрола на сообраќајот? Имате ли решение за сообраќајниот метеж во градот?
Решавањето на сообраќајниот метеж во густо населените делови и регулирањето на сообраќајните текови во градот е исто така дел од концептот за енергетски ефикасен град. Градот Скопје е еден од првите градови во Југоисточна Европа кој има централно регулирање на сообраќајот. Во 2013 година Градот Скопје доби модерен Центар за управување и контрола на сообраќајот чија главна цел е прибирање податоци за сообраќајот во реално време, управување со семафорскиот систем, визуелно набљудување на сообраќајот, давање приоритет на возилата од јавниот градски превоз и информирање на возачите. Со реализацијата на овој проект се намали времето на патување и времето на чекање на крстосниците, се намали загадувањето на животната средина и потрошувачката на гориво, а се зголеми комерцијалната брзина во јавниот транспорт.
Нашите првични анализи извршени на булеварите Партизански одреди и Илинден, покажаа дека времето на патување се скратува за 20 отсто кога е активирана адаптивната контрола на семафорите. Задоволни сме од функционирањето на Центарот за управување и контрола на сообраќајот. ЦУКС засега контролира 90 крстосници во поширокото централно подрачје, а поради позитивните искуства со управувањето на сообраќајните текови, во наредниот период во овој систем ќе вклучиме и нови раскрсници.
Скопје Инфо: Третото издание на Скопскиот цветен фестивал привлече големо внимание кај граѓаните. Станува ли полека Скопје град на цвеќето?
Третото издание на Скопскиот цветен фестивал кој што се одржа на 14 и на 15 мај во вториот дел од Градскиот парк, на просторот наспроти „Паркот за миленици“, го привлече вниманието на огромен број граѓани кои имаа можност да купат цвеќе и цветни аранжмани, да ја изразат својата умешност со цвеќето, да добијат корисни совети, да се дружат на отворено и да се забавуваат. Овој цветен фестивал годинава се одржа под мотото „1000 цвета за Скопје“.
Заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и годинава фестивалот го организиравме токму во сезоната кога, поради поволните временски услови, луѓето поминуваат се повеќе време на отворено и ги разубавуваат своите тераси и градини со нови цветни насади и со ново зеленило.
Сакам да истакнам дека во последните неколку години Скопје стана град на цвеќето. Преку континуирани акции, Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ со цвеќе уредија голем број јавни површини со што придонесовме за разубавување на просторот.
Скопје Инфо: На булеварот Февруарски поход во Аеродром уредувате една од најголемите парковски површини во Скопје. Ќе продолжите ли со подигање нови зелени површини и со акции за засадување дрвца во наредниот период?
Токму така. Деновиве интензивно се уредува новиот парк покрај булеварот Февруарски поход, во Аеродром, а е со површина од 82.000 квадратни метри и ќе биде поголем од првиот дел на Градскиот парк. Во паркот веќе се оформени и тампонирани трим-патеките, поставен е систем за полевање, а засеана е и трева на поголемиот дел од површината. Просторот е уреден и со летниковци, детски реквизити, урбана опрема, осветлување и мултифункционално игралиште.
За уредувањето на оваа нова парковска површина Градот Скопје ќе одвои околу 16 милиони денари. Сакам да нагласам дека во уредувањето на овој парк се вклучи и Општина Аеродром, со која имаме одлична соработка.
Кога ќе бидат поволни временските услови во овој парк ќе се засадат голем број дрворедни и декоративни дрвца.
Градот Скопје обрнува посебно внимание на уредувањето на просторот со зеленило. Од 2009 година до сега на јавните зелени површини, во дрворедите, во парковите и во блоковското зеленило нашите екипи засадија околу 70.000 нови садници, листопадни и зимзелени.
Само во текот на 2015 година, на јавните зелени површини засадивме над 9.500 садници и околу милион сезонски цвеќиња, а на заинтересираните урбани и месни заедници и куќни совети Градот Скопје додели околу 4.000 садници, во две акции, пролетна и есенска.
Со акции за засадување садници на јавните зелени површини продолжуваме и оваа година.
Скопје Инфо: Традиционално го распишувате и Конкурсот за најголем придонес за животната средина. Која е целта на овој конкурс?
Во оваа пригода сакам да ги поканам моите сограѓани да се пријавуваат на Јавниот конкурс за избор на најеколошка компанија, за најголем придонес во заштитата на животната средина, за најубаво уреден двор на куќа, зграда и на институција/стопански објект и за најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта, што традиционално го распишува Градот Скопје, како дел од манифестацијата „Денови на пролетта - Денови на екологијата“. Сите заинтересирани може да се пријавуваат на овој конкурс, најдоцна до 1 јуни и да се надеваат да освојат некоја од вредните парични награди.
Конкурсот има за цел да испрати силна порака до сите граѓани и институции да ја чуваат и негуваат средината во која живеат, дека со заедничко вложување и со промена на нашите навики може многу да направиме за околината и е само уште една потврда на силната заложба на Градот Скопје за почиста и уредена животна средина и поздрави животни услови за сите.
Скопје Инфо: Какви активности презема Градот Скопје за збогатување на туристичката понуда во Скопје, со оглед на тоа што градот станува се попосакувана дестинација за туристите?
Градот Скопје во последниве неколку години бележи голем пораст на бројот на туристи, домашни и странски. Статистиките покажуваат дека Скопје е најпосетен град од туристите во нашата земја и предничи пред останатите туристички дестинации, како што се Охрид, Дојран, Маврово и другите.
Природните убавини и културно-историските споменици од различни временски периоди, како и новите современи градби и уредени простори со кои Скопје се гордее се привлечни како за домашните, така и за странските туристи. Градот Скопје во последниве неколку години интензивно вложува во уредување и промоција на туристичките дестинации. За туристите подготвуваме туристички материјал и мапи кои се достапни во туристичките бироа на Град Скопје, а се дистрибуираат и во хотелите и во туристичките агенции кои придонесуваат за туристичка промоција на градот.
Големо внимание посветуваме на развој на туристичко-рекреативниот центар и Споменик на природата Матка, на Паркот на природата „Гази Баба“ и на парк-шумата „Водно“. Во овие природни локалитети се поставуваат патокази, се чисти теренот, се обновува урбаната опрема, се обележуваат и оградуваат пешачки патеки, се засадуваат нови дрвја и се уредува зеленилото, се трасираат патеки за екстремен велосипедизам и друго.
Градот Скопје прави иницијативи за заживување на старите занаети во Старата скопска чаршија со реконструкција и обновување на дуќани во кои организира курсеви и работилници за едукација на младите генерации.
Сакам да споменам и дел од многубројните забавни манифестации чиј покровител е Град Скопје, а кои го привлекуваат вниманието на скопјани и на посетителите: „Баскерфест“, „Гурманскиот викенд во Скопје - Пиво-ленд“, Фестивалот на виното - „Виноскоп“; Градот на древните занаети; Интернационалната тортијада; Фестивалот на органска храна; Пролетниот базар на ракотворби и многу други.
Скопје Инфо: Минита година целосно ги заменивте азбестните покриви од зградите на средните училишта. Дали обновата на училишните објекти ќе продолжи и ова лето?
За да се подобрат условите во кои учат средношколците, Градот Скопје во текот на летото 2015 година ги обнови и реконструира објектите на девет средни училишта што се во негова надлежност. Меѓу нив, беше заменет и стариот азбестен покрив на училишниот објект и на надворешната фискултурна сала на СУГС „Здравко Цветковски“. Со тоа, Градот Скопје ги отстрани штетните азбестни покриви од сите средни училишта во негова надлежност, што претходно беа покриени со азбестни плочи.
Во текот на летото 2015 година градежни работи се изведуваа во девет средни училишта, а Град Скопје за реализација на овој проект од буџетот издвои околу 31,3 милиони денари. Во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ се заменуваа прозорците; во СУГС „Цветан Димов“ се заменуваше столаријата и се обновија подовите во училишниот објект; СУГС „Панче Арсовски“ доби нова фасада и покрив; во СУГС „Орце Николов“ се работеше на реконструкција на прозорците; во СУГС „Никола Карев“ се санираше покривот; во СУГС „Владо Тасевски“ се реконструираа санитарните јазли; во СУГС „Браќа Миладиновци“ и СУГС „Арсени Јовков“ се реконструираше дворната површина на училиштето; а во СУГС „Здравко Цветковски“ беше заменет стариот азбестен покрив на училишниот објект и на надворешната фискултурна сала и беа обновени паркетот, гардеробите и санитарните јазли во спортската сала. Со тоа, придонесовме значително да се подобрат условите за работа и на учениците и на наставниот кадар.
Обновата на училишните згради ќе продолжи и во текот на ова лето. Деновиве се утврдуваат приоритетните зафати, а градежни активности ќе се одвиваат во 18 училишта.
Скопје Инфо: Поголем број јавни објекти, споменици и јавни површини осамнаа исшарани со бои и оштетени по протестите што последниве неколку недели се одржуваат во центарот на градот. Кој е вашиот коментар на последните случувања?
Во изминативе неколку недели сме сведоци на вандализам, боење и оштетување на јавните површини, јавните објекти и спомениците и знаменитостите во центарот на градот. Морам да нагласам дека сум строго против насилство и вандализам и го осудувам тој срамен чин. Тие површини и објекти им припаѓаат на сите граѓани и сите треба да се потрудиме да ги зачуваме.
Јас го разбирам и поддржувам правото на протест, секој граѓанин има право да го изрази своето несогласување и различно мислење. Но, кога протестот излегува од контрола и преминува во вандализам последиците ги трпиме сите.
Така, по протестите од изминативе неколку недели кога повеќе јавни објекти и споменици на плоштадот „Македонија“ и во паркот „Жена-борец“ беа исшарани со бои и нагрдени Градот Скопје почна со чистење на тие објекти, за нивниот изглед да биде вратен во првобитната состојба. За оваа намена Градот Скопје ангажира фирма за одржување и чистење на спомениците, за што ќе се одлеат средства од Буџетот на Град Скопје. Исто така, Градот Скопје ќе поднесе пријава до МВР против непознат сторител за направената штета.
Апелирам до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат јавните површини, јавните објекти, спомениците и спомен-обележјата, како и поставената урбана опрема зашто тие ни припаѓаат на сите.