Книжевна вечер со Лара Миховиловиќ

Во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки, во Скопје во текот на ноември престојува поетесата и преведувачка Лара Миховиловиќ, од Словенија.

Во чест на гостинката, на 11 ноември, среда, во 20 часот ќе се одржи книжевна вечер, во кафе книжарницата Магор. Лара Миховиловиќ како преведувач од македонски на словенечки јазик, посебно соработува со најмладата генерација македонски поети и книжевници. На книжевната вечер покрај Миховиловиќ ќе настапат и Снежана Стојчевска, Митко Апостолов и Елена Митреска, со свои песни и препеви подготвени од Лара Миховиловиќ на словенечки. Освен за нејзиното творештво, со авторката ќе поразговараме и за состојбите на книжевната сцена во Словенија, за импресиите од Македонија, како и за нејзините преведувачки планови и претставувањето на македонски автори во Словенија.

Лара Миховиловиќ е родена 1987 година во Љубљана. Студирала на Катедра за хрватски, српски и македонски јазик, на Филозофски факултет во Љубљана. Во 2009 г. била на шестмесечна студентска размена на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во Скопје каде што го изучувала и усовршувала македонскиот јазик и се занимавала со македонската книжевност и култура. Во 2011 учествувала на меѓународната конференција Новиот имиџ на Балканот. Во 2013 учествувала на меѓународниот книжевен фестивал „Лирикон“ во Велење со избрани преводи на Катица Ќулавкова. Преведената поезија била објавена и во списанието Балкан Експрес од Загреб и во студентско списание Славко од Љубљана. Во 2014 преведе избрани песни на Снежана Стојчевска и Ана Голејшка со кои се запознала на поетски фестивал Младе Риме во Љубљана. Во 2014 почнува да работи како професорка по македонски јазик во школа за странски јазици, но освен тоа работи и во градинка каде што децата од Македонија ги подучува словенечки јазик. Преведува од хрватски, српски и македонски јазик на словенечки и од словенечки на хрватски јазик. Пишува поезија и кратки раскази