Книги кои треба да ги прочитате барем еднаш во животот!

Безброј книги се напишани низ текот на историјата, но има книги кои се толку моќни и важни, што мора да бидат прочитани барем еднаш во животот. Овие книги подолу дефинитивно треба да ги ставите на вашата листа на читање, а доколку ги имате прочитано, не е лошо да препрочитате некоја од нив. А која е вашата омилена книга на која постојано ѝ се навраќате?

„1984“ – Џорџ Орвел

Орвел во оваа книга зборува за едно целосно тоталитарно општество контролирано на секој можен начин. Оваа книга и по толку децении сè уште е толку релевантна и важна и дефинитивно мора да ја прочитате!

„Сто години самотија“ – Габриел Гарсија Маркес

Ова е приказната за селото Макондо и неговите жители. Романот го следи животот на неколку генерации од семејството Буендија, чии грешки од минатото неизбежно ги стигнуваат во иднината.

„Мајсторот и Маргарита“ – Михаил Булгаков

Една од најневеројатните книги некогаш напишани, која може да ја читате на неколку начини, односно да најдете различни поенти и работи кои ќе ги понесете со себе. Можеби и веќе сте ја читале, но дефинитивно ова е роман кој треба неколку пати да се прочита!

„Моби Дик“ – Херман Мелвил

Одговорот на прашањето до каде може да отиде бескомпромисната желба за одмазда по секоја цена.

„Грофот Монте Кристо“ – Александар Дима

Исполнет со интриги, љубов, борба и општествена сатира, ова е еден од најдобрите одмазднички романи кои се некогаш напишани. 

„Животинска фарма“ – Џорџ Орвел

Уште една книга од Џорџ Орвел се наоѓа на оваа листа, инаку навидум сосема различна од „1984“, сепак има одлични и неверојатни општествени поенти. Преку алегорија и сатира на советскиот комунизам, оваа книга ја раскажува приказната за група животни кои ја преземаат фармата и воспоставуваат свое уредување.

„Малиот принц“ – Антоан де Сент-Егзипери

Оваа приказна за деца (но и возрасни!) е приказна за пилот чиј авион се срушил некаде над Сахара и едно дете кое тврди дека дошло од друга планета. За оваа книга често се вели дека треба да се прочита неколку пати: Еднаш во детството, еднаш во младоста и еднаш во позрелите години. Само така целосно може да се доживее. 

„Странецот“ – Албер Ками

Оваа книга е една од најдобрите книги на 21 век, го поставува прашањето за вредноста на човечкиот живот и рамнодушноста кон животот. Првата, т.е воведната реченица во книгата е една од најпознатите воведни реченици во историјата на книжевноста.

„Злосторство и казна“ – Фјодор Достоевски

Зарем може да помине една ваква листа без Достоевски? „Злосторство и казна“ е еден неверојатен роман за Раскољников кој убива една лихварка и нејзината сестра, и најпрво смета дека тоа е етички оправдано, но како што поминува времето, неговата грижа на совест сè повеќе го гризе и се заканува дека ќе го уништи.

„Браќа Карамазови“ – Фјодор Достоевски

Уште едно ремек дело на Достоевски кое не смеете да го пропуштите. Се работи за приказната за таткото и браќата Карамазови, една испреплетена приказна, која дополнително се заплеткува кога таткото, кој и не е баш омилен, е убиен, а еден од синовите е обвинет за убиството. Неверојатно прекрасна книга со прекрасни дијалози и размислувања за животот, религијата, човечката душа. Дефинитивно книга која ќе ве промени и ќе ве допре длабоко во душата.