
Љубителите на книгата во Ѓорче Петров добија ново место за читање и споделување – мини библиотека под отворено небо, поставена во паркот во близина на фонтаната.
Концептот е едноставен – секој граѓанин може бесплатно да позајми книга, да ја прочита и потоа да ја врати на истото место, за да може да ја прочита и некој друг. Мини библиотеката е донација од издавачката куќа „Сакам книги“, реализирана во рамки на иницијативата „Со љубов, од Европа“.
Ѓорче Петров е една од петте локации во Скопје каде што е поставена ваква мини библиотека, со цел книгите да бидат подостапни за граѓаните и да се поттикне навиката за читање.
Од иницијативата апелираат граѓаните заеднички да се грижат за библиотеката и редовно да ги враќаат позајмените книги. На тој начин, фондот ќе може да се дополнува со нови наслови. Земи книга, прочитај, врати ја – и сподели ја приказната со следниот читател.