Книга на жалост отворена во училиштето „Здравко Цветковски“ за Михаел кој загина со неговиот татко во тешка сообраќајка

Комеморација во спомен на Михаел Арсовски беше одржана денеска во неговото средно училиште „Здравко Цветковски“.

- Во негов спомен, во нашето училиште е отворена Книга на жалоста, која ќе биде поставена во текот на целата недела на главниот влез во училиштето. Сите кои сакаат ќе можат да дојдат, да се потпишат и да остават неколку зборови во спомен на Михаел. Некои луѓе си заминуваат прерано, но нивната насмевка, спомените и трагата што ја оставиле во нашите животи остануваат засекогаш. Михаел ќе остане засекогаш дел од нашето училишно семејство и нашите срца. Почивај во мир, Михаел. Никогаш нема да бидеш заборавен, објавија од училиштето.

Михаел го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа која се случи викендов на општинскиот пат Илинден -Миладиновци, кај полициската база Брест која се наоѓа во склоп на Меѓународниот аеродром Скопје. Во несреќата загина и неговиот татко, а неговата 18 годишна сестра е тешко повредена.

Сообраќајката, информираше Обвинителството, се случила кога автомобил „опел“ корса со кумановски регистарски ознаки, управуван од 19-годишен кумановец се судрил директно со автомобил „хјундаи И30“ управуван од 51-годишен жител на Марино, татко на Михаел.

Со тешки телесни повреди се здобил и возачот на корсата и неговиот сопатник на иста возраст, кои биле пренесени во болница во животозагрозувачка состојба.