Клиниката за кардиологија осветлена во црвено за Светскиот ден на срцето

Клиниката за кардиологија синоќа беше освтлена црвено, со што беше одбележан 29 септември Светскиот ден на срцето, за да се подигне свеста на граѓаните за важноста од превенцијата на кардиоваскуларни заболувања.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека лани од кардиоваскуларни заболувања починале околу 11.000 луѓе и дека врз основа на тоа ја направиле и стратегијата за унапредување на јавно здравје, која се состои од препораки за здрава исхрана, физичка активност, кои се однесуваат кон младите.

„Со директорот на Клиниката за кардиологија д-р Жан Зимбаков разговаравме за набавка на нова опрема, нови ехо апарати, како и за замена на едниот ангиограф. Ќе ја реновираме клиниката, а тука планираме да ја сместиме и детската кардиохирургија и ова да стане Центар за срце. Планираме да се подобри едукацијата во областа на кардиохирургијата со експерти од страна, а постојната експертиза на Клиниката да се дисперзира низ сите центри во државата и тоа да стане промоција на Националната стратегија за третман на срцеви болести“, рече Филипче.

Д-р Зимбаков кажа дека превенцијата на кардиоваскуларните заболувања треба да почне од нас самите. Тој рече дека одбележувањето на Светскиот ден на срцето го почнале во петокот, а ќе трае до седми октомври, односно граѓаните ќе можат да добијат информации и консултации со медицинскиот кадар на клиниката.

„Апелирам сите луѓе да си дадат ветување на своето срце барем за една здрава навика, дали е тоа зголемена физичка активност, внес на здрава храна, намалување на телесната тежина, откажување од лоши навики, како што е пушењето цигари, редукција на сол во исхраната“, рече Зимбаков.

Одбележувањето на неделата посветена на Денот на срцето ќе заврши на 7 октомври со хуманитарна забава во едно скопско кафуле, а собраните средства ќе ги дадат во хуманитарни цели.

На актерот Александар Микиќ, му беа извршени основните кардиолошки неинвазивни прегледи.

„Срцето мора да се одржува здраво, особено ако сакате некому да го подарите. Затоа јас редовно одам на лекар и го прегледувам моето срце“, кажа Микиќ.